Search

Курти: Тачи ќе заврши како Груевски, ама не во Унгарија туку во Русија

Лидерот на Движењето Самоопределување, Албин Курти изјави денеска дека косовскиот претседател, Хашим Тачи ќе заврши исто како и поранешниот македонски премиер, Никола Груевски, со тоа што Тачи нема да побара азил во Унгарија туку во Русија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Алудирајќи на средбата на Тачи со рускиот претседател Владимир Путин во Париз, на церемонијата по повод 100-годишнаната од крајот на Првата светска војна, Курти рече дека Тачи со своите постапки на меѓународен план оди по стапките на Груевски.

-Пред две и пол години малку кој, а можеби и никој, не веруваше дека ќе победи Доналд Трамп или дека ќе се случи Брегзит. Исто така, пред само година и пол никому не му паѓаше на ум дека поранешниот македонски премиер Груевски ќе побара азил во Унгарија. Така, по тој пат оди и Тачи – кон азил во Русија. Ние не можеме да го запреме неговиот пат, но можеме да го запреме да го понесе Косово со себе. Косово не може да се пикне во куфер, никогаш и од никого, изјави Курти на прес-конференција во Приштина.

Лидерот на опозициската ВВ ги повика Алијансата за иднината на Косово (ААК) и Социјалдемократската иницијатива (Нисма), кои заедно со поранешната партија на Тачи, Демократската партија на Косово (ПДК), ја сочинуваат владејачката коалиција ПАН (ПДК-ААК-Нисма), да не бидат дел од тимот за преговори со Србија, „за да го остават Тачи сам во неговите намери за поделба на Косово”.

Курти на денешната прес-конференција го објави планот на ВВ за решавање на споровите со Белград, насловен „Алтернативата на Движењето во четири чекори за разговорите со Србија”.

Во првата точка на овој план се предвидува „пресиспитување на шестгодишниот дијалог (2011-2017) Косово-Србија и неговите резултати”. Вториот чекор, според ВВ, е дефинирање од страна на косовското Собрание на тоа кои се целите на Косово и нивно формулирање во „официјален список на барања кон Србија”.

-Нормално дека и Србија ќе има свој список на барања, но тоа нас не не интересира. Ние треба да одредиме што ние сакаме, на пример признавање на независноста, враќање на исчезнатите, реципроцитет на правата, репарација и сукцесија и така натаму, се наведува во платформата на ВВ.

Во нејзината трета точка се предвидува утврдувањето на принципите за преговори со Србија, а четвртиот чекор е формирање преговарачки тим „со легитимитет од Собранието, со кредибилно раководство и соодветна стратегија”.

-Првите два чекори можеме да ги направиме и пред новите и предвремени парламентарни избори, додека третиот и четвртиот чекор по изборите, кога ќе произлезат институциите со свеж легитимитет, изјави Курти.

Треба да знаете
Последни објави