Search

Курти: Косово има потреба од избори и нова влада

Лидерот на една од најголемите косовски опозициски партии, Движењето Самоопределување (ВВ), Албин Курти, порача дека народот на Косово има потреба од нови избори и од нова влада, јави дописникот на МИА од Приштина.

На синоќешниот собир во Пеќ во рамки на кампањата „Против ПАН-грабежот”, Курти рече дека со Косово владее коалиција која „немилосрдно го троши буџетот и имотот на Косово”.

– Имаме потреба од нови избори, затоа што ни треба нова влада, која ќе ја запре корупцијата, ќе ја ослободи државата од тие што ја држат во заложништво, ќе ја ориентира еконимијата кон производството, ќе го поврзе образованието со економијата и ќе формира суверен фонд и развојна банка, рече Курти.

Оваа влада, според лидерот на ВВ, инвестира единствено во скапи проекти, оставајќи ги на страна елементарните работи, затоа што, како што рече, „тие чинат евтино и од нив не можат многу да украдат”.

– Како може да се трпи оваа Влада која на асфалт троши 10 пати повеќе одошто за Приштинскиот универзитет и 20 пати повеќе на водоводи и канализации. Канцеларијата на премиерот троши речиси двојно повеќе отколку за Советот на обвинители. Не се бори така против криминалот и корупцијата. Во нашите болници нема ампули, инјекции, нема маски. Знаете зошто ги нема? Бидејќи чинат евтино и од нив не може да се украде многу, рече Курти.

Мотото на ВВ „Против ПАН-грабежот” се однесува на владејачката коалиција, која ја сочинуваат Демократската партија на Косово (ПДК) на претседателот на Собранието Кадри Весели, Алијансата за иднината на Косово (ААК) на премиерот Рамуш Харадинај и на Социјалдемократската иницијатива (Нисма) на вицепремиерот Фатмир Лимај.

ВВ минатата недела најави дека ќе организира масовни протести со цел смена на Владата на Харадинај, како и на претседателот на државата Хашим Тачи. Поддршка на партијата на Курти за уривање на Владата преку гласање недоверба во Собранието најави и најголемата опозициска партија, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) на поранешниот премиер Иса Мустафа.

Треба да знаете
Последни објави