Search

Курти и Мустафа се согласиле да ја формираат новата косовска влада

Лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти по денешната средба со лидерот на Демократскиот сојуз на Косово Иса Мустафа и кадидатката за премиерка од таа партија Вјоса Османи, изјави дека двете партии победнички на неделните парламентарни избори постигнале согласност заедно да ја формираат новата косовска влада, јави дописникот на МИА од Приштина.

Курти им изјави на новинарите дека со Османи се согласиле оти е потребно минимализирање на бројот на министри и заменици министри и дека новата влада нема да има повеќе од 12 министерства. Кандидатите за премиер од двете партии, Курти и Османи, рекоа дека на денешната средба не се разговарало за детали, туку само се договорени принципите за заедничко владеење и се согласиле да ја чекаат конечната потврда на изборните резултати пред да го постигнат финалниот договор.

– Косово изгуби многу време и очекувањата на граѓаните се високи. Ние ги почнавме разговорите со заедничка намера да имаме поефикасна влада и помоќна држава. Се согласивме да имаме праг од 30 отсто родова застапеност, значи најмалку 30 отсто и од министрите и од замениците министри ќе бидат жени. Ќе имаме многу помалку министри и многу помалку заменици министри, но ќе имаме многу поголема посветеност и работа. Нашите професионални тимови ќе се состанат за да ги хармонизираат програмите и да се усогласат околу нашите заложби, изјави Курти.

Запрашан од новинарите дали ќе има договор и со партијата која победи во српскиот блок, Српската листа (СЛ), Курти рече дека првично ќе разговара со Србите кои се надвор од таа партија, а потоа ќе го испочитува Уставот во однос на застапеноста на таа етничка заедница во новата влада на Косово.

Вјоса Османи изјави дека денеска е разговарано за принципите за формирање на новата влада, додека деталите ќе се договорат по пребројувањето на сите гласови, односно откако ќе се знаат резултатите од гласањето на дијаспората, на лицата со посебни потреби и другите кои гласале по пошта, односно таканаречените „условни гласови”.

– Кој и да победил ќе го добие премиерското место. Сепак битно е дека заедно ќе формираме влада. Го очекуваме конечниот резултат затоа што тоа е почит кон граѓаните и кога ќе се избројат околу 20 илјади условни гласови ние ќе си честитаме еден на друг, кој и да освоил повеќе гласови, изјави Османи, нјавувајќи дека тимовите на двете партии уште утре ќе продолжат со заедничка работа.

По пребројувањето на гласовите од неделните избори, без оние испратени по пошта, ВВ е победничка партија со освоени 25,49 отсто, додека ЛДК е втора со 24,82 отсто од гласовите.

Треба да знаете
Последни објави