Search

Курти: Во Тирана ќе разговараме за состојбите во Западен Балкан

 – Косовскиот премиер Албин Курти изјави денеска дека на утрешните средби во Тирана, каде што ќе отпатува во еднодневна официјална посета, со домаќините ќе разговара не само за Косово и за билатералните односи, туку и за состојбите во Западен Балкан, јави дописникот на МИА од Приштина.

На чествувањето за двајцата припадници на неговото Движење Самоопределување (ВВ), Мон Баљај и Абен Џеладини, кои на денешен ден 2007 година загинаа во демонстрациите против пакетот на Марти Ахтисари за уредувањето на статусот на Косово, Курти информира дека утре ќе оствари средби со челниците на институциите во Тирана.

– Ќе имам средби со челниците на сите институции во Тирана. Ќе имаме разговори за повеќе теми, вклучително и Западниот Балкан. За нашите ставови ќе зборуваме по утрешните средби, изјави Курти пред новинарите во центарот на Приштина.

Посетата на Албанија е прва официјална посета на Курти како премиер надвор од земјата, откако пред една недела, на 3 февруари, беше избран на чело на новата Влада на Косово.

Според агендата што ја објави неговиот кабинет, Курти во Тирана ќе се сретне со албанскиот премиер Еди Рама, претседателот на државата Илир Мета, собранискиот спикер Грамоз Ручи, тиранскиот градоначалник Ерион Велиај и лидерот на најголемата опозициска партија, Демократската партија на Албанија, Љуљзим Баша. 

Треба да знаете
Последни објави