Search

Куомо до Трамп: Благодарам, но не

Гувернерот на американската сојузна држава Њујорк, Ендрју Куомо, кажа „благодарам, но не” на заканата на претседателот Доналд Трамп дека ќе ја мобилизира војската во борбата против немирите, по смртта на невооружениот Афроамериканец, Џорџ Флојд, кому полицаец му клечеше на вратот откако го уапси.

-Претседателот се обидува да ја прекрои реалноста, рече Куомо, додавајќи дека дури и во Вашингтон има луѓе на улиците кои протестираат.

– Тоа се мирни протести. Тоа се претежно млади луѓе, белци, кои се навредени од она што го видоа кога беше убиен Флојд, што и треба да бидат, рече Куомо за Си-Ен-Ен.

Куомо инсистира на тоа дека станува збор за спорадични случаи на деструктивно однесување и дека тие претставуваат само мало малцинство на демонстранти.

-Криминалните активности не можат да се толерираат и мора да бидат правно санкционирани, но разбојниците се вмешаа со демонстрантите. Сепак, она што го направи претседателот денеска е повик на американската војска против американски граѓани, рече Куомо.

Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе испрати војска за да ги задуши немирите во врска со смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, што денеска влегоа во нивниот седми ден.

Трамп рече дека доколку градовите и државите не ги контролираат протестите, тој ќе ги распореди армијата и брзо ќе го реши проблемот.

-Додека го велам ова, распоредувам илјадници и илјадници тешко вооружени војници и полицајци за да престанат безредијата, грабежите, вандализмот, нападите и безобразното уништување на имотот, рече Трамп во обраќањето од Белата куќа.

Треба да знаете
Последни објави