Search

Крузерот „Вестердам”, чие закотвување беше одбиено од пет азиски земји, пристигна во Камбоџа

Крузерот „Вестердам”, чие пристигнување досега го одбија пет азиски и пацифички земји од страв од ширење на вирусот COVID-19, конечно се закотви во Камбоџа, каде 2.200-те патници ќе бидат ставени на тестирања.

Впловувањето на бродот во пристаништата на другите земји не беше дозволено, иако операторот, компанијата „Холанд Америка Лајн”, соопшти дека меѓу 1.455-те патници и 802-та члена на екипажот нема потврдени случаи на коронавирус.

-Бродот е закотвен на еден километар од главното пристаниште Сиханоквил, а планирано е екипа здравствени работници да се качат на крузерот за да ги изведе медицинските испитувања и да донесе одлука за процесот на истоварување, изјави гувернерот на градот Коуч Чамроун, пренесоа американските медиуми.

Американскиот амбасадор во Камбоџа, Патрик Марфи, изјави дека испратил екипа од амбасадата да работи со претставниците на бродот и официјалните лица од земјата домаќин да им помогне на Американците да се симнат од бродот и да го продолжат патот до своите крајни дестинации.

Операторот соопшти дека крстарењето завршува во Сиханоквил, од каде патниците можат со чартер лет да заминат во главниот град Пном Пен, а оттаму да се вратат во своите домови, за што била добиена согласност од властите на оваа земја.

Застанувањето на крузерот „Вестердам” во своите пристаништа го одбија Тајланд, Филипини, Тајван, Јапонија и Гуам.

Крузерот своето патување го почна минатиот месец од Сингапур, а последното застанување му беше во Хонг Конг, градот во кој досега се потврдени 50 случаи на коронавирус.

Треба да знаете
Последни објави