Search

Кристофер Хил именуван за нов амбасадор на САД во Белград

Американскиот дипломат и поранешен амбасадор на САД во Скопје, Кристофер Хил е номиниран за нов амбасадор на САД во Србија, соопштено е на веб – страницата на Белата куќа.

Хил е дипломат од кариера. Бил амбасадор во Ирак, Кореја, Полска и Македонија, помошник државен секретар за Источна Азија и Пацификот и шеф на американската делегација на севернокорејските преговори. Зборува српски, полски, македонски и француски.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, тој и е познат на српската јавност како специјален пратеник на САД за Косово во дипломатските обиди што завршија со преговорите во Рамбује.

Хил е професор на Одделот за меѓународни и јавни работи на Универзитетот Колумбија.

Новиот американски амбасадор во Србија е запознаен со регионалните прашања, бидејќи тој беше заменик на Ричард Холбрук, главниот американски преговарач за време на мировните преговори во Дејтон, со што заврши војната во Босна и Херцеговина.

Одлуката за номинацијата ја донесе американскиот претседател Џозеф Бајден, а Хил ќе го замени амбасадорот Ентони Годфри, кој е на функцијата во Србија две години.

Треба да знаете
Последни објави