Search

Кристијан Ристовски, гостиварец кој им го олеснува работењето на програмерите и веб дизајнерите

Гостиварец креирал интернет пребарувач со кој на програмерите значително им се скратува времето, а им овозможува да работат многу побрзо и полесно да забележат дали нешто не е во ред со изгледот на страната на некој уред.

Апликацијата Sizzy била создадена пред две години, но подобрената верзија од ова лето веќе е на пазарот и одлично е прифатена од програмерите и дизјанерите на веб страници.

Фрустрацијата како мотив за креирање на апликацијата Sizzy 

Кристијан Ристовски, 27-годишен програмер од неодамна стана актуелен во светот на информатиката заради иновација што веќе се користи и му овозможува заработка. Во разговорот со него дознаваме како се родила идејата.

Како и секој програмер, при развојот на своите апликации Кристијан се соочувал со секакви проблеми. Но, како што вели, докажано е дека најдобрите идеи и проекти доаѓаат токму при процесот на нивното решавање. Исфрустриран поради губење премногу време за тестирање на една веб страна на повеќе уреди, тој ја направи апликацијата наречена Sizzy.

– Sizzy е интернет пребарувач сличен на Google Chrome, но стриктно насочен кон програмери и дизајнери. Пребарувачот има премногу функционалности, но главната предност е што овозможува тестирање и преглед на повеќе уреди наеднаш. Кога се работи на вебсајт или апликација со респонсивен дизајн во обичен интернет пребарувач, се губи премногу време при менување на различни уреди. Sizzy овозможува преглед на повеќе уреди наеднаш, кои се синхронизирани во нивното скролање и навигација. Оваа функционалност им овозможува на програмерите да работат многу побрзо и лесно да забележат дали нешто не е во ред со изгледот на страната на некој уред, објаснува Кристијан.

Кристијан кој во светот на информатиката е познат и по прекарот (ник нејмот Кице, вели дека првата концепт верзија на Sizzy била креирана за само неколку дена во 2017 година. Тогаш била пуштена како бесплатна апликација со отврен код (open source) и можело сите да ја користат.

– Иако апликацијата имаше голем број корисници, заборавив на неа затоа што имав други приоритети. Во меѓувреме имав неколку понуди од компании  што сакаат да ја купат и монетизираат. При крајот на 2018 година сфатив дека заинтересираноста околу апликацијата е сé уште висока па решив да и посветам повеќе време и да ја претворам во уште еден бизнис. Секако, како и секој еден софтверски проект, се соочуваме со предизвици и проблеми, но се трудиме брзо да ги решиме.

Подобрената верзија за кусо време се рашири, и како што вели Кристијан, засега повеќето од корисниците и компаниите се задоволни. По само еден месец апликацијата надмина 1500 корисници без никаков маркетинг, што се смета за голем успех. Веќе е формиран тим кој посветено работи на апликацијата, a бројот на функционалности допрва расте. Целта на Кристијан е апликацијата да биде меѓу главните алатки што ги користи еден програмер.

Сите функционалности на Sizzy се подетално објаснети на официјалната веб страна.

Во меѓувреме за апликацијата се заинтересирале и големи корпорации и во тек се преговори со неколку големи инвестициски фирми, што според Кристијан влева надеж дека тимот и бизнисот ќе порасне уште повеќе.

Носењето одлука во вистинско време е еден од чекорите кон успехот.

Кристијан веќе четири години е надвор од земјава. Тој сега живее во Гдањск, Полска. Таму минатата година ја основаше својата прва компанија – едукативната академија “React Academy.” Бизнис патувањата се дел од неговото секојдневие, бидејќи се занимава со одржување тренинзи и работилници, како и предавања на конференции низ Европа. React Academy соработува со светски познати компании кои бараат Кристијан да го пренесе своето знаење на нивните програмери.

– React Academy одржува два типа работилници: приватни тренинзи за вработените на некоја компанија, и јавни тренинзи (public workshops). Работилниците се посетени од тимови и вработени на Spotify, Facebook, Microsoft, ING, Timberland, итн. Некои од позначајните соработки досега се со: Git Nation (организацијата која што стои позади конференциите React Amsterdam, React Day Berlin, React Advanced London), DotJS (најголемата JavaScript конференција во светот), HP, OLX, Kindred.

До формирањето сопствен бизнис, Кристијан дошол воден од поривот на секој млад човек: остварување на сонот. За формалното образование и завршениот факултетот за информатички технологии во Скопје вели дека не биле воопшто значајни со сегашната кариера. Тој е дециден и дополнува дека кога би избирал повторно комплетно би го прескокнал и би ги посветил тие години на самоиницијативно учење и надградување.

– Моето прво работно искуство беше во Скопје, но не траеше долго. Сакав повеќе слобода и поголем предизвик, па почнав да работам како фриленсер.

Сопственичката на еден од стартапите за кои што работев ме покани на конференција во Амстердам. Таму запознав многу луѓе кои се занимаваат со технологиите со кои што моментално работам. Решив да пробам и да се преселам во Холандија затоа што повеќето од клиентите ми беа од таму. Живеев во Утрехт скоро 2 години, а паралелно со фриленсингот почнав да зборувам на различни настани и конференции, ги објаснува неговите почетоци и дополнува:

– Заедно со конференцијата React NL ја организиравме мојата прва јавна работилница во Амстердам. Откако се помина добро, сфатив дека ме привлекуваат предавањето и учењето па решив да направам бизнис од тоа. Ги известив сите клиенти дека прекинувам да работам како фриленсер и некое време се посветив на креирање на брендот React Academy.

Во овој период добил и понуди за работа од различни компании, меѓу кои и од Facebook во Калифорнија и Лондон. Не ги прифатил бидејќи верувал дека може да биде успешен ако работи за себе. Од тогаш, речиси три години се занимава со предавање и курсеви околу React, GraphQL, и слични фронтенд технологии. По одлуката да се отсели од Холандија тој некое време експериментирал со патување и краткотрајно живеење на различни места.

Станува и ју-тјубер, а неговите патувања и животни случки може да ги следите на неговиот YouTube канал.

Решава да се насели во Полска. Таму е роден неговиот татко, па и тој се стекнал со Полско државјанство. За плановите не говори многу, но засега нема да го пресели бизнисот во друга земја.

Зоран Г. Маџоски

Треба да знаете
Последни објави