Search

Кризата продолжува и со Леброн: Тежок пораз на Лејкерс во Филаделфија

Без разлика на тоа што Леброн се врати во стартната постава на Лос Анџелес Лејкерс, тимот сепак не покажува дека набрзо ќе излезе од резултатската криза која започна кога Џејмс се повреди. Синоќа „езерџиите“ загубија на гостински терен од Филаделфија Севентисиксерс.

 

Составот на Севентисиксерс, подобрен и реновиран, му го зададе на Лејкерс еден од најтешките порази сезонава, со резултат од 143:120.

Лејкерс беа навистина конкурентни само во првата четвртина, а веќе од втората Џоел Ембид и дружината ги преземаа работите во свои раце. Камерунскиот центар Ембид забележа 37 поени и 14 скока, а неговиот нов соиграч Тобајас Херис додаде 22 поени на патот до нова победа на Сиксерс.

Иако се врати, Леброн Џејмс засега не е во посакуваната форма која ќе го носи неговиот тим до победа. Синоќа беше на раб на трипл-дабл учинок, но тоа не кажува многу, бидејќи ова беше една од најлошите партии кои „Кралот“ ги одигра сезонава. Тој ја заврши вечерта со 18 поени, 10 скока и 9 асистенции, додека Кајл Кузма беше маестрален во офанзива, постигнувајќи 39 поени.

Резултатската криза на Лос Анџелес Лејкерс продолжува и понатаму, но сега е ставено под знак прашалник и нивното учество во плејофот од Западната конференција. Пред да се повреди Леброн Џејмс тимот беше со една нога во плејофот ама неговата повреда ги остави младите Кузма, Бол и Инграм како предводници на тимот, а нивното неискуство придонесе за неколку врзани порази и конечно испаѓање од Топ 8 тимовите на Западот.

Останати резултати:

Далас Маверикс – Портланд Трејл Блејзерс 102:101

Сакраменто Кингс – Феникс Санс 117:104

Атланта Хокс – Орландо Меџик 108:124

Голден Стејт Вориорс – Мајами Хит 120:118

Треба да знаете
Последни објави