Search

Кризата предизвикана од КОВИД-19 ја зголемува сиромаштијата

 Здравствената криза предизвикана од КОВИД-19 во светски рамки, а со тоа и кај нас во моментов е најголем предизвик со кои се соочуваат сите земји. Покрај предизвиците во областа на здравството и здравствените системи, таа ја разниша економијата во целиот свет, предизвика пропаѓање на бизниси, намалување на платите и приходите на граѓаните воопшто, отпуштања од работа…

Експертите и граѓанските организаци се согласуваат дека иако ударот го трпат голем дел од луѓето и кризата ги осиромаши, дури и вработените лица, оти сепак најпогодени се оние кои живеат во сиромаштија или во ризик од сиромаштија, односно се дел од ранливите категории. Досега Владата донесе четири сета мерки, со кои се обидува да се справи со економките последици од кризата, но експертите и граѓанскиот сектор апелираат тука да не се застане, да продолжи да се следи состојбата и навремено да се преземаат нови мерки.

Во 2018 година 21,9 отсто од населението во земјава живеело во сиромаштија

Државниот завод за статистика лани објави податоци според кои во земјава во 2018 година во сиромаштија живееле 455 илјади луѓе или 21,9 процент од населението. Нови податоци за минатата година нема, но проценките се дека таа би се движела околу 19 проценти. Поради кризата предизвикана од корона-вирусот, се заканува опасност од зголемување на бројот на граѓани кои што ќе немаат пари во иднина, односно дека бројот на сиромашни може да порасне на околу 23 проценти од населението.

Институтот за економско истражување и политики Скопје – Фајнанс тинк, направи истражување чии резултати покажуваат оти кризата предизвикана од Ковид-19 силно ги погоди нискодоходовните групи граѓани кои најчесто работат на нископлатени работни места или се дел од неформалната економија, примаат социјални трансфери или дознаки од странство.

-Нашата анализа покажа дека заради пандемијата, стапката на релативна сиромаштија во земјава ќе се зголеми за 1,2 процентни поени, што значи дека нови 25 илјади лица се втурнати во сиромаштија за време на Ковид кризата. Резултатите за апсолутната сиромаштија се позагрижувачки и укажуваат дека заради кризата, нови 100 илјади лица ќе живеат со помалку од 5.5 долари (според паритет на куповна сила) односно 126 денари на ден, велат од Институтот.

Оттаму посочуваат дека мерките што ги носи Владата имаат потенцијал да извлечат дел луѓе од сиромаштија, притоа потенцирајќи дека е неопходно да ги информира граѓаните за условите за користење на помошта.

-Една од владините мерки насочени кон зачувување на животниот стандард на најранливото население беше олеснување на критериумите за стекнување гарантирана минимална помош, што според нашето истражување има потенцијал да извлече 24 илјади лица од екстремна сиромаштија, што, пак, се дефинира како живот со помалку од 1,9 долари (44 денари) на ден. До јули годинава, потенцијалот е искористен само 65 отсто што значи дека уште 9 илјади лица имаат можност да влезат во системот на ГМА и да излезат од екстремна сиромаштија, велат оттаму.

Според Институтот потребен е натамошен напор од Владата за соодветно информирање на населението за новите критериуми за стекнување право на оваа помош. На носителите на политки им предлагаат олеснетите услови за стекнување гарантирана минимална помош да продолжат да важат и во 2021 година, и да се воведе времен додаток на гарантираната минимална помош и времено дополнително олеснување на доходниот услов, со цел да се опфатат, покрај најсиромашните, и дел од ранливите слоеви од населението.

Според предвидувањата на Светска Банка, од 55.000 до 130.000 Македонци поради кризата би можеле да западнат во сиромаштија и оти бројката зависи од тоа колку ќе трае кризата.

-Пред пандемијата, сиромаштијата меѓу работниците во најпогодените сектори беше само 4 проценти, но оваа стапка се проценува да достигне околу 8 проценти во сценариото 1 и 15 проценти во сценариото 2. Влијанието на епидемијата веројатно ќе се разликува низ дистрибуцијата на приходите; приходите ќе паднат за околу 5 до 8 проценти кај оние во најнискиот квинтил и од 7 до 13 проценти или повеќе кај остатокот од населението. Исто така, повеќе од 75 проценти од оние што веројатно ќе паднат во сиромаштија сега не се покриени со ниедна програма за социјална заштита, предвидуваат од Светска банка.

Од Светска банка уште на почетокот на пандемијата апелираа властите треба да креираат политики за да ја заштита живејачката и да го олеснат закрепнувањето за работниците во неформалниот како и во формалниот сектор.

-Минимизирањето на затворањето на фирмите и загубата на работни места е прв чекор и може да има важни ефекти на прелевање за неформалниот како преку каналите на понудата така и на побарувачката. Овие мерки се потребни и за да се осигури дека се одржува минимално ниво на економска активност или може да продолжи релативно брзо откако ќе се укинат ограничувањата на движењето. Уште поважно, треба да бидат воведени одговори за поддршка на приходите за работниците што може да не се покриени со програмите за поддршка на фирмите бидејќи тие се самовработени или работат во неформалниот сектор. Примери за вакви мерки се проширувањето на програмите за социјална заштита, програмите за јавни работи и прилагодувањето на осигурувањето во случај на невработеност, препорача Светската банка.

Директорот на Канцеларијата на Светска банка во земјава Масимилиано Паолучи смета дека одговорот на Владата за справување со кризата во земјава бил навремен. Одговор, вели, имаше и се уште има, но јасно е дека треба да продолжи.
– Во Северна Македонија, како и во секоја земја има влијание од пандемијата врз економијата и тоа влијание зависи од капацитетот на земјата. Најраните и најјаките мерки ќе го намалат влијанието особено врз ранливите. Властите имаат воспоставено одговори и тоа навремен одговор во ресурси. Некогаш има одложување, бидејќи имавме избори, кои, исто така, имаа одредено влијание врз континуитетот и во брзината на доставување, но имаше одговор и се уште има и јасно е дека одговорот треба да продолжи и да се одговори како да се воспостават економските позиции на одржлив начин, вели тој.
Додава дека мерките во овој момент треба да бидат целни и особено да се земат предвид ранливите категории. Потенцира дека треба да се продолжи со политиките во кои на прво место ќе биде ставено здравјето, бидејќи ако не се обрне внимание на здравјето ќе има зголемување на влијанието  на економскиот аспект на пандемијата, тоа се интервенциите од Владата кои се потребни во овој момент и дека треба да се фокусираме на реформи кои се клучни за да се обнови, одржи и зголеми растот.
Од почетокот на корона кризата бројот на корисници на социјална помош зголемен за околу 4200 лица

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека заедно со Владата активно работат на премостувањето на последиците настанати од пандемијата со Ковид-19 и намалување на релативната и апсолутната сиромаштија, кога целиот свет се соочува со отпуштање од работа на работниците.

– За да се постигне оваа цел, како решение беше донесен и четвртиот пакет економски мерки од страна на Владата, согласно кој ќе бидат поддржани најранливите категории граѓани, пензионерите со пониски пензии од 15.000 денари, пасивните баратели на работа, самохраните родители, жени земјоделки, сезонски работници, корисниците на државна пензија, малите и средни претпријатија, како и помош за угостителскиот сектор, транспорт и туризам, како едни од најпогодените со пандемијата, велат од МТСП.

Според информации од Министерството, пред кризата во земјава имало околу 27 илјади корисници на минимална загарантирана помош или таканаречена социјална помош. Од почетокот на кризата досега бројката се зголемила за околу 4200 корисници, што според нив, оди во прилог на фактот дека се олеснети условите за пристап до помош и оти системот ги апсорбира лицата кои поради пандемијата се нашле во потешка ситуација.

Билјана Дуковска, претседател на Македонската платформа за борба против сиромаштијата вели дека бројките јасно покажуваат дека осиромашуваме, дека се зголемуваат бројките на сиромашни, односно лицата кои претходно биле во ризик од сиромаштија, поради пандемијата, губиток на работни места и приходи воопшто преминуваат во група на сиромашни, за што, според неа, меѓудругото говори и бројката од 4200 нови корисници на т.н. социјална помош.

Таа смета дека е добро што биле олеснети условите и системот да ги апсорбира оние кои останале без приходи, но апелира постапката за добивање помош да се забрза за да не се случи лицата да останат без поддршка неколку месеци додека го остварат правото. Процедурално системот покажува дека е тром и спор, потенцира, и не оди доволно брзо веднаш луѓето да излезат од тешката состојба. За нас, вели најголема забелешка е таа, но и намалениот капацитет на службите за социјална работа, бидејќи има информации дека не се одговорени голем број барања кои се веќе доставени.

Според Дуковска, трендот на намалување на сиромаштија забележан минатата година поради промената на социјални примања и воведување гарантиран минимален приход и други сродни парични примања и со зголемување на вработени, сега поради кризата предизвикана од КОВИД-19 повторно ја зголемува  сиромаштијата.

-Поради КОВИД-19 кризата ни се случи голем број лица да изгубат работа, голем број од луѓе во семејствата да останат со една плата, се намалија платите и тие во суштина голем дел од ризик во сиромаштија отитоа во сиромаштија. Тука е она што пакетите за социо-економска поддршка е тоа што требаше да направат-да спречат да не отиде голема бројка во сиромаштија затоа што ќе има 30 посто сиромашни. Социо економските мерки го спречија тоа, и се очекува според прогозите на експертите таа да порасне максимум до околу 23 проценти. Но, секако проблематично останува што во овој период се зголемува бројот и на вработени сиромашни, рече Дуковска.

Прашање е, вели таа, и кога економски системот ќе зајакне за да може тие кои паднале во сиромаштија да се вработат повторно, бидејќи, потенцира, секако платата е повисока од социјална помош.

-Тука е најголемиот проблем. Во суштина прашање е колку Владата ќе може и ќе сака да ги продолжи мерките за поддршка, затоа што ако ги остави сами да се снаоѓаат и да се чека да се стабилизира економијата ќе има сериозно одење надолу. Нашата препорака е мерките да не застанат тука, мора да се следи состојбата и да се презема тоа што е потребно, потенцира Дуковска.

Работодавачите апелираат за побрзо имплементирање на последниот сет мерки

Работодавачите сметаат дека мерките од последниот сет треба побрзо да се имплементираат и оти во спротивно во прашање би биле доведени најмалку 15.000 работни места особено во преработувачката индустрија. Затоа апелираат ребаланост на Буџетот да биде донесен што поскоро, бидејќи како што вели претседателот на Организацијата на работодавачи Ангел Димитров во него се предвидени средства за субвенции на платите на работниците за октомври, ноември и декември.

-Краен рок за нас е крајот на октомври или најдоцна до 10 ноември, кога веќе се прави октомвриската плата. Затоа партиите да ја остават политиката настрана и да почнат да размислуваат за стопанството, кое со душа ја чека помошта од државата, вели Димитров.

Сето ова може да доведе до намалување на обемот на работа, а со тоа и намалување на работни места односно отпуштање на работниците од работа, со што се зголемува и ризикот се повеќе луѓе да западнат во сиромаштија.

Сто педесет и една илјада и 359 невработени лица се регистрирани во Агенцијата за вработување на крајот на септември 2020 година. Во евиденцијата на невработени според обајвените податоци од почетокот на ковид кризата бројот на невработени е поголем за 43 627 лица.

Од Агенцијата појаснуваат дека со состојба на 30 септември 2020 година се евидентирани 14819 невработени лица врз основа на прилив од работен однос за кои престанокот, односно одјавата од задолжително социјално осигурување е регистрирана во периодот по 11 март 2020 година, односно во периодот на кризата предизвикана од Ковид-19.

Во март кога почна ковидкризата во евиденцијата на Агенцијата биле регистрирани 107732 невработени лица, во април тој број се зголемил на 114762 лица, во мај на 121187 лица, во јуни 133455 лица, во јули на 141777 лица, во август достигнува 144759 невработени лица и во септември 151359 лица.

Треба да знаете
Последни објави