Search

Кремљ: Сајбер-војната меѓу Русија и САД е хипотетички можна

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, смета дека хипотетички постои можност за сајбер-војна меѓу САД и Русија, пренесува ТАСС.

Москва му предлагаше на Вашингтон заедно да се борат против сајбер-криминалот, но таа идеја не наиде на прием, рече Песков, коментирајќи ги пишувањата на „Њујорк тајмс“ за интернет-напади на САД врз Русија.

„Претседателот Путин и руската страна повеќе пати се обидуваа да иницираат меѓународна соработка за заеднички да се борат против секоја појава на сајбер-криминал. За жал, американските партнери не се одзваа на таквите предлози,“ посочи Песков.

Тој потврди дека руските стратешки објекти се редовно мета на сајбер-напади од странство, но дека соодветните служби успешно се борат против нив.

Повикувајќи се на непознати извори и бивши владини претставници, „Њујорк тајмс“ во саботата објави дека САД ги засилиле сајбер-нападите врз енергетскиот систем на Русија и дека така ја покажуваат ослучноста на Трамп поагресивно да ги употреби сајбер-алатките.

Трамп ги осуди пишувањата на весникот како „предавство на државата“.

„Ако претпоставиме дека некои владини одделенија го прават тоа без да го известат шефот на државата, тогаш таа информација ја покажува хипотетичката можност за сајбер-војна и сајбер-акции против Руската Федерација“, посочи Песков.

Треба да знаете
Последни објави