Search

Кремљ: Во тек се подготовките за состанокот на Трамп и Путин

Кремљ денеска соопшти дека Вашингтон не ја информирал Москва оти состанокот меѓу рускиот и американскиот претседател е откажан, односно дека во тек се подготовките за состанокот на претстојниот самит на Г-20.

Американскиот претседател, Доналд Трамп, за „Вашингтон пост“ изјави дека може да ја откаже средбата со рускиот претседател, Владимир Путин, на самитот на Г-20 во Аргентина, поради поморскиот судир меѓу Русија и Украина.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави за новинарите дека Москва е запознаена со изјавата на Трамп, но дека по овој повод не добиле никакви дополнителни информации од САД.

„Средбата е договорена. Ние не добивме никакви други информации од нашите американски колеги“, рече Песков.

Трамп за „Вашингтон пост“ рекол дека очекува целосен извештај од својот тим за национална безбедност во врска со руската заплена на три брода на украинската морнарица и апсењето на нивниот екипаж.

Трамп рекол дека потоа ќе донесе одлука дали ќе има средба или не.

„Можеби нема да имам состанок. Не ми се допаѓа таа агресија, воопшто не ја сакам“, рекол Трамп.

Двајцата претседатели треба да се сретнат на маргините на самитот на Г-20 во Буенос Аирес, што ќе се одржи в петок и в сабота.

Руските сили пред три дена запленија три брода на украинската морнарица во теснецот Керч, меѓу Црното и Азовското Море, наведувајќи дека нелегално влегле во руските територијани води. По ова, во Украина беше воведена воена состојба.

Треба да знаете
Последни објави