Search

Кој е убиениот навивач? Лидер на братска навивачка група кој удирал шлаканици на директори…

Дербито во средата помеѓу Интер и Наполи беше засенето од големите навивачки инциденти пред натпреварот, како и расистичките скандирања на трибините на „Џузепе Меаца“.

Пред самиот натпревар во Милано, навивачи на Наполи со комби му побегнале на полицискиот кордон и влетале меѓу навивачи на Интер. Во нивната меѓусебна пресметка, четворица навивачи на Наполи биле избодени, а еден навивач на Интер бил прегазен со комбито.

Набрзо после инцидентот, навивачот на Интер им подлегна на повредите во болница, а веста за неговата смрт одекна како бомба на Апенините. Набрзо потоа италијанските медиуми го открија неговиот идентитет и го истражија неговото минато.

Станува збор за 35-годишниот Даниеле „Деде“ Белардинели кој што всушност не бил навивач на Интер, туку во Милано пристигнал за да им даде поддршка на „Нераѕурите“. Имено, тој бил еден од лидерите на навивачите на Варезе кои што се во „братски“ односи со ултрасите на Интер.

Убиениот навивач е еден од најпознатите ултраси на Варезе, поточно на навивачката група „Крв и чест“. Тој во центарот на италијанската фудбалска јавност се нашол во 2007-ма година кога ги водел протестите пред стадионот „Франко Осола“ после натпреварот од Серија Ц помеѓу Варезе и Лумецане.

Ултрасите кои што ги воделе Белардинели не сакале натпреварот да биде одигран во знак на протест поради смртта на навивачот на Лацио, Габриеле Сандри. Тие побарале од тогашниот спортски директор на Варезе, Солиано, да го оневозможи одигрувањето на натпреварот, а откако челниците на Варезе не успеале да го сторат тоа, Белардинели му удрил шлаканица на Солиано.

Поради тоа, му била изречена казна од пет години забрана за присуствување на спортските случувања, а пет години подоцна ја добил истата казна затоа што учествувал во големата пресметка на навивачите на Интер и Комо кои што два часа направија апсолутен хаос.

Белардинели ги остави својата сопруга и двете деца, работел во школа за боречки вештини и бил партнер во една работилница за керамика.

„Тој го сакаше фудбалот. Ние не зборувавме многу за тоа, затоа што јас навивам за Јувентус, а тој го сакаше Интер. Не знам што да кажам, беше весел дечко“, изјави вујкото на Белардинели за италијанските медиуми.

Треба да знаете
Последни објави