Search

Кофинансирани грантови за технолошки развој за надминување на последиците од КОВИД-19

Владата на денешната 57-ма седница ја разгледа и усвои информацијата со Правилник за инструментот за поддршка – Кофинансирани грантови за технолошки развој за надминување на последиците од КОВИД-19, со кој се воведува нов механизам за поддршка и развој на микро, мали и средни претпријатија во земјава.

Поддршката, како што информираат од владината прес-служба, ќе се реализира преку јавен конкурс со траење 15 до 30 дена, наменет за микро, мали и средни претпријатија, а финансиската поддршка е структурирана според големината на претпријатието, и тоа до 0,75 милиони денари за микро, 1,5 милиони за мало и не повеќе од три милиони денари за средно претпријатие, со обезбедено сопствено учество што не може да биде помало од 30 отсто од вкупниот буџет на проектот.

За Правилникот обезбедена е согласност од Светската банка, како финансиски партнер во реализација во рамки на Проектот за развој на вештини и поддршка на иновации.

Владата ја разгледа и ја усвои и Информацијата за зголемување на фискалната транспарентност поврзана со кризата КОВИД-19, која произлезе од зголемениот број на интервентни и итни јавни набавки, воспоставување на фондови за донации од правни и физички лица од земјата и од странство и користење на средства од меѓународни извори за справување со последиците од кризата со коронавирусот. Целта е јавноста да биде информирана за приходната и расходната страна на средствата кои се слеваат во Буџетот, како и евиденција на сите нефинансиски донации добиени како помош, а се наменети за справување со кризата КОВИД-19.

-Реализацијата на фискалната транспарентност ќе се оствари со преземање на низа мерки како што се надградба на Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) што ќе овозможи обележување на јавните набавки поврзани со кризната состојба за пандемијата, надградба на порталот Отворени финансии со делот КОВИД-19, и со дополнување на веб-страницата koronavirus.gov.mk за објавување на податоци поврзани со фискална транспарентност со кризата КОВИД-19, на кои освен податоците добиени од ЕСЈН и податоци од порталот Отворени финансии, ќе се објавуваат и останати податоци кои не се достапни на овие електронски системи, соопшти владината прес-служба.

Треба да знаете
Последни објави