Search

Костадинов: Заврши времето на системско прекршување на приватноста и основните човекови права и слободи

Денеска, на Меѓународниот ден на човековите права, како политичка опција, носител на промените, горди сме што дадовме придонес за заштитата на човековите права, за враќањето на слободата, демократијата и еднаквоста во општеството, изјави на денешната прес-конференција портпаролот и пратеник на СДСМ, Костадин Костадинов.

„Од ‘заробена’ држава, симбол за масовна злоупотреба и газење на основните човекови права, во која се случи масовно нелегално прислушување, монтирани судски процеси, уценети и заплашени медиуми и новинари, системски погазани права и слободи, денес Македонија е слободна држава во која се почитуваат и унапредуваат човековите права и слободи.

Ја вративме слободата во Република Македонија. По деценија уназадувања, денеска, на Меѓународниот ден на човековите права, со право можеме да кажеме дека граѓаните на Македонија се чувствуваат слободни, заштитени, еднакви и достоинствени.

Обезбедена е целосна слобода на говор и слобода на јавно мислење.

Од држава на замолчени, уценети и притиснати медиуми, денес во Македонија има слобода на говор, медиумите се ослободени од каков било притисок на власта, можат да известуваат и работат слободно и независно“, изјави Костадинов.

Портпаролот на партијата додава дека со реформата во безбедносните институции обезбедени преку Собранието и надлежните инстицуции, формирањето на новата Оперативно-техничка агенција е гарант дека заврши времето на нелегално следење на комуникациите на граѓаните.

Заврши времето на едносистемско прекршување на приватноста и основните човекови права и слободи, додава Костадинов.

Во тек се реформи во правосудството, за еднаков пристап до правда, се гарантираат човековите права и слободи во институциите и во судскиот систем. Се унапредува и заштитува презумпцијата на невиност, а Македонија веќе не е земја на полициска тортура, изјави Костадинов.

„Се унапредуваат и правата на децата. До крајот на годинава во социјалните установи ќе бидат сместени за 60 отсто помалку деца отколку во август минатата година.

Со ратификацијата на Инстанбулската конвенција, овде, во Собранието, државата и сите нејзини институции засилено ќе се се борат против домашното насилство и насилството врз жените. Активно се работи на реализација на ветувањето Македонија да биде држава без дискриминација.

Подготвен е новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација којшто обезбедува принцип на еднаквост во заштитата од дискриминација. Новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација е во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди и за него е добиено позитивно мислење од Венециската комисија и од граѓанските организации“, посочи пратникот и портпарол на СДСМ, Костадинов на неговата прес-конференција.

Треба да знаете
Последни објави