Search

Косовскиот премиер повика на максимално внимание за да се избегне целосно затворање на земјата

Косовскиот премиер Авдулах Хоти ги повика граѓаните на максимално внимание и солидарност, со цел да се избегне целосно затворање на земјата поради епидемијата на Ковид-19, јави дописникот на МИА од Приштина.

Хоти претпладнево преку својата страница на Фејсбук предупреди на нов бран на пандемијата и нагласи дека институциите во Косово ги преземаат потребните дејствија за соочување со порастот на бројот на заразени.

Зголемувањето на капацитетите за тестирање на сомнителните случаи, планот на Клиничкиот и универзитетски центар на Косово за активирање на дополнителни болнички кревети во приштинската и регионалните болници, зголемената контрола во училиштата и редовна седмична комуникација со меѓународните партнери, се дел од мерките за справување со здравствената криза кои ги набројува косовскиот премиер.

-Меѓутоа, потребно е да покажеме максимално внимание на работа, во училиште, во бизнисите, на улица и во секоја активност која подразбира собирање на луѓе. Треба да се има разбирање за да се избегнат сите јавни собири од секаква природа, како што препорачуваат Министерството за здравство и Националниот институт за јавно здравство на Косово, порача Хоти.

Бројката на активни случаи на Ковид-19 моментно во Косово изнесува 1.485, со тоа што само во последните недела дена таа е зголемена за околу 300. Од појавата на епидемијата, според последните официјални податоци, евидентирани се 16.754 носители на вирусот, од кои 14.617 се излекувани, додека 652 починале.

Треба да знаете
Последни објави