Search

Косовската опозиција најавува скорешно гласање недоверба на владата на Хоти

Претседателката на партијата Алтернатива, Мимоза Кусари-Лила, која е дел од пратеничката група на најголемата косовска опозициска партија, Движење самоопределување (ВВ), вели дека наскоро може да се очекува Собранието да ѝ изгласа недоверба на владата на премиерот Авдулах Хоти и земјата да оди на вонредни избори, јави дописникот на МИА од Приштина.

Кусари-Лила во интервју за агенцијата КосоваПрес вели дека е убедена оти во моментов има доволен број пратеници за свикување седница и за гласање недоверба за кабинетот на Хоти и дека тоа може да се очекува да се реализира во наредните неколку недели.

– Останува актуелно нашето барање за собирање потписи за уривање, односно за недоверба на Владата на Хоти. Меѓутоа ќе се преразгледа во наредните недели нашето репозиционирање како пратничка група, во смисла на организирање и добивање поддршка и од други пратеници кои се волни да ја урнат оваа влада, изјави Кусари-Лила.

Таа вели дека сè уште не е одлучено дали ќе се бараат и десетте гласови на пратениците на партијата на косовските Срби, Српска листа, кои се дел од владејачката коалиција, меѓутоа изразуваат незадоволство од одредени одлуки на Владата.

– Не можам ниту да негирам, ниту да потврдам во овие околности. Меѓутоа, верувам дека може да има доволно пратеници од албанското мнозинство, но и од другите заедници, за почетно да се свика седницата, а потоа и да се изгласа недоверба на Владата на Хоти, вели Кусари-Лила, оценувајќи дека „и во владејачката коалиција е очигледно продлабочувањето на разликите меѓу владините партнери”.

Единственото решение за земјата во моментов, според неа, е одржувањето вонредни избори, посебно ако се има предвид дека владејачката коалиција го нема потребното мнозинство гласови во Собранието за изгласување на законите, како што е оној за економско закрепнување.

– Земјата има само едно решение, а тоа е одењето на избори. И тоа на вонредни избори кои би се организирале со почитување на мерките за заштита на јавното здравство, како што тоа се прави во целиот свет, изјави Кусари-Лила.

Во врска со дијалогот за нормализирање на односите со Србија, таа вели дека е поребно негово „целосно преоценување”.

– Во овие околности, дефинитивно, треба да има целосно преоценување на дијалогот. Треба да се разгледа позицијата, зашто досега не сме виделе некоја стратегија за дијалог. Значи Владата на Косово актуелно оди на дијалог со агенди кои им ги одредуваат другите, не настапила проактивно да ја определи сопствената агенда и нема доследност во ставовите кои се битни за граѓаните на Косово, изјави Кусари-Лила. 

Треба да знаете
Последни објави