Search

Косовската влада ги разреши директорите на државниот телеком

Новата косовска влада, предводена од премиерот Албин Курти, го разреши на денешната седница Бордот на директори на јавното претпријатие Телеком на Косово, поради слаби резултати во работењето и сомневања за злоупотреби на должноста, јави дописникот на МИА од Приштина.

Одлуката беше донесена на предлог на министерката за економија Розета Хајдари, која нагласи дека државниот телеком е во тешка финансиска ситуација и дека е потребно итно дејствување на Владата.

– Јавното претпријатие е во тешка финансиска состојба и се наоѓа на прагот на стечај, со што се загрозуваат јавните услуги и јавната сопственост (…) Не е исполнет бизнис-планот. Владата има основа да верува дека директорите ги прекршија своите овластувања и дозволија претерани трошоци на претпријатието, рече Хајдари.

За предлогот на министерката, која доаѓа од редовите на партијата Движење Самоопределување на премиерот Курти, гласаа мнозинството членови на Владата, и покрај барањето на вицепремиерот Авдулах Хоти, кој е од редовите на коалициониот партнер, Демократскиот сојуз на Косово, првин да се собере министерски комитет, па потоа да се донесе одлуката за промени во раководството на телекомот.

Партиите од претходната владејачка коалиција беа обвинувани од досегашната опозиција, а сегашна власт, како и од голем дел од медиумите, дека, нарочито во предизборие, вршат вработувања на многубројни сопартијци и членови на семејствата во ЈП Пошти и телеком на Косово.

Треба да знаете
Последни објави