Search

Косово: Укинувањето на таксата и воведувањето реципроцитет кон Србија е прашање на денови

Укинувањето на таксата од 100 отсто, што пред повеќе од една година ја воведе владата на Косово на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, е прашање на денови и таа ќе се замени со целосен реципроцитет кон тие држави, најавија претставници на коалициските партнери во новата косовска Влада на денешната трибина на Косовскиот демократски институт (КДИ)

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, пратеникот на Движењето Самоопределување (ВВ) Артан Абраши, најави дека новите мерки кон двете држави ќе бидат воведувани постепено, но тотално.

Пратеникот од партијата на премиерот Албин Курти порача дека новата влада во дијалогот со Белград ќе настапи „со сериозност и јасни принципи” и дека има „прашања и интереси на Косово за кои не може да се преговара”.

– Ова е поволен момент за Косово да воспостави одредени принципи. Во овој дијалог не може да има договор без да се расправи и разгледа секоја околност. Не веруваме дека комплицираните проблеми можат да се решат со едноставни избрзани решенија, изјави Абраши на трибината насловена „Дијалогот Косово – Србија: Што по формирањето на новата Влада и американското вклучување”.

Шефот на претничката група на другата владејачка партија, Социјалдемократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Арбен Гаши рече дека реципрочните мерки кон соседната држава ќе се воведат, но оти треба да се внимава да не се попречи започнувањето на дијалогот кој беше прекинат во ноември 2018, кога тогашната влада ја воведе таксата.

Тој рече дека владејачката коалиција ќе ја укине спорната такса на српскиот увоз, додека мерките на реципроцитет не е можно да се воведат одеднаш, затоа што се комплексни.

– Ние како владина коалиција настојуваме да ја укинеме таксата за да ѝ дадеме шанса на меѓународната заедница да го фасилитира дијалогот со Србија. Ние имаме барања за воведување реципроцитет, но тоа не треба да го попречува дијалогот. По укинувањето на таксата ќе му дадеме шанса на дијалогот, кој треба да се подготви добро и во кој треба да се вклучи и опозицијата, рече Гаши.

На овие најави се спротивстави Даут Харадинај, шеф на пратеничката група на Алијансата за иднината на Косово (ААК) на доскорешениот премиер Рамуш Харадинај, кој порача дека на преговарачката маса со Србија треба да се оди единствено со условот за меѓусебно признавање на двете држави.

Скептицизам кон мерките на реципроцитетот и барања да не се укинува таксата се додека Белград не го смени односот кон Приштина, изрази и пратеникот на исто така досега владејачката Социјалдемократска иницијатива (Нисма), Хаџи Шаља.

Треба да знаете
Последни објави