Search

Косово: Партиите за кампања потрошиле над 2 милиони евра

 Невладината организација Демократија на дело (ДнВ), која ја следи кампањата за парламентарните избори во Косово, што ќе се одржат на 6 октомври, објави денеска дека политичките партии во првите девет дена од кампањата, која започна на 25 овој месец, а завршува ноќеска на полноќ, на изборни активности потрошиле вкупно 2 милиони и 125 илјади евра, јави дописникот на МИА од Приштина.

Генерална оценка на ДнВ е дека атмосферата во пресрет на финалето на кампањата беше мирна, а има забелешки за финансиска нетранспарентност на одредени субјекти, кои дел од своите активности не ги пријавувале во Централната изборна комисија, поради што не може да се пресметаат попрецизно нивните трошоци.

Во втората по ред анализа што ја објави во текот на кампањата, ДнВ информира дека нејзините 72 долгорочни набљудувачи, во периодот од 1 до 3 октомври проследиле 229 активности на политичките субјекти, на кои учествувале околу 79 илјади граѓани.

– Во текот на целата изборна кампања во Косово, политичките субјекти изнесоа изборни ветувања, главно идеолошки, поврзани со актуелните теми кои предизвикуваат интерес и емоции кај гласачите. Последните три дена во фокусот беа три сектори: образованието, економијата и здравството. Теми кои привлекоа помало внимание, наспроти нивното значење, беа енергијата и администрацијата, се вели во соопштението што ДнВ го достави до медиумите.

Оваа невладина забележува дека, како и на почетокот, така и во продолжение на кампањата, учеството на жени-кандидатки како говорнички на партиските собири останало под границата на законската квота од 30 отсто за учество на жените во јавниот и институционалниот живот и изнесува само 22 отсто.

Кампањата за вонредните парламентарни избори на 6 октомври завршува ноќеска на полноќ, кога започнува изборниот молк, кој ќе трае до затворањето на гласачките места, в недела во 19 часот.

Завршните предизборни собири големите партии и коалиции ги имаат закажано за вечерва во Приштина и во други поголеми градови во Косово.

Треба да знаете
Последни објави