Search

„КосоваПрес”: Белград подготвува хуманитарна катастрофа за косовските Срби со цел дестабилизација на земјата

Приштинската новинска агенција „КосоваПрес” објави денеска наводен план на властите во Србија за предизвикување хуманитарна катастрофа во областите во северно Косово населени со мнозинско српско население, со цел да се предизвикаат немири и дестабилизација на земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.

За спроведување на планот, според агенцијата, Белград ги ангажирал новоизбраните градоначалници на четирите општини во северно Косово, како и други свои локални соработници.

– Испразнети продавници во кои не можат да се најдат ниту елементарните артикли со потекло од Србија, што има за цел да се создаде една тешка слика на „хуманитарна катастрофа” за граѓаните на север, е планот кој што го подготвуваат одредени луѓе во северно Косово, диригирани од Белград, пишува „КосоваПрес”.

Извори на агенцијата информираат дека за реализација на планот во средата е одржана итен состанок во хотелот „Греј” во Северна Митровица, на кој учествувале новоизбраните градоначалници, неколку истакнати бизнисмени од тој регион, претставници на нелегални институции, како и висок функционер во Владата на Србија, при што, како што се наведува, „е изготвен планот за хуманитарна катастрофа во косовскиот север”.

– Од магацините и продавниците веќе е започнато постепено повлекување на елементарните прехранбени производи, со цел од идниот понеделник да не остане ништо во нив. В понеделник ќе бидат повикани сите медиуми и од Србија ќе се пренесува сликата за катастрофалната состојба на населението во тој дел од Косово, велат изворите, за кои приштинската агенција тврди дека се доверливи.

За спроведување на планот, според истите извори, се ангажирани лицата Радош Петровиќ, Горан Влашковиќ, Бојан Јакшиќ – Цојо, Славиша Станишиќ, Радуле Стевиќ и други лица, „сите доверливи луѓе на шефот на криминалното подземје во тој дел, Милан Радојчиќ”.

Со своја логистика и на други начини, тврди „КосоваПрес”, ќе учествува организацијата наречена „Цивилна Заштита”, која ја предводи лицето Стево Павичевиќ.

Треба да знаете
Последни објави