Search

Коронарестрикции – неопходност во криза или повреда на правата и слободите

Прогласената пандемија поради ширењето на коронавирусот и настојувањето на владите во речиси сите земји да се справат со новонастаната ситуација и да го заштитат здравјето на граѓаните доведе до преземање многу мерки како прогласување вонредна состојба, ограничено движење на граѓаните, забрана за групирање…но и казни за нивно непочитување.

Организациите чиј главен фокус се правата на луѓето апелираат овие мерки да не ги нарушуваат основните човекови права, тие да бидат преземени само доколку се неопходни и тие да траат само толку колку што бараат условите. Логично, се поставува прашањето каде и како да се постави границата на кратењето на правата на граѓаните и неопходноста заради заштита на нивното здравје.

Здравствените работници и надлежните институции сметаат дека рестриктивните мерки во спречувањето на ширењето на заразата се неопходни и оти во недостиг на лекови и вакцини се единствена заштита на населението. Воведено беше ограничување на движењето на граѓаните преку таканаречени „полициски час”, „карантински виденди”, движење на одредени групи граѓани како постари лица над 67 години и помлади од 18 во различни периоди од денот и по само два часа дневно. Образложението на надлежните беше дека на ваков начин нема да се сретнат младите кои можат да бидат асимптоматски носители и се најмалку погодени, со повозрасните кои се најранливи и можат да имаат потешки последици доколку се заразат, а оти рестрикцијата во движењето на граѓаните ќе ја намали можноста за трансмисија на заболувањето.

За првомајскиот продолжен викенд Владата, иако имаше препорака од Комисијата за заразни болести за тридневен карантински викенд, донесе одлука за олабавување на ограничувањето на движењето на граѓаните, согласно која секој од деновите од продолжениот викенд полицискиот час ќе почнува во 14 часот и ќе трае до 05 часот наредниот ден. Децата под 18 години ќе смеат да се движат од 12 до 14 часот, а возрасните над 67 години од 05 до 11 часот.

Но, паралелно со ова релаксирање на мерките се воведоа нови задолжителни мерки на лична заштита и граѓаните ќе треба да носат лична заштитна опрема на лицето при движење во затворени објекти и на отворено во ситуација кога нема да бидат во можност да се одржи препорачаната физичка дистанца од два метра.

Според епидемиолозите и инфектолозите, по чии мислења се креираат мерките, тие се наменети да се редуцираат максимално, па дури и сосема да се елиминираат ризиците од воспоставување ланци на инфекција. Затоа, покрај спречување на социјалните контакти преку полицискиот час, сметаат дека се потребни и други форми на социјално дистанцирање, како што се спречување на собирање во групи од повеќе од две лица, а ако има повеќе лица, тие да мораат да бидат оддалечени минимум два метри едни од други. Исто така, според нив, носењето заштитни маски дополнително ќе придонесе за намалување на ширењето на коронавирусот, особено, како што потенцираат властите, оти многу студии покажале дека постојат асимптоматски носители на вирусот.

Сите овие мерки, на одреден начин влијаат на рестрикции на човековите слободи и права. Токму поради тоа, Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш излезе со став дека е неспорно оти пандемијата КОВИД -19 е итна здравствена ситуација, но и економска криза, социјална криза и криза на човештвото, предупредувајќи што може брзо да прерасне во криза на човековите права.

Пораката што сакам да ја испратам, вели тој, е јасна – луѓето и нивните права се најважни и треба да бидат центар на сите активности. Најдобар одговор, вели тој, кој дава пропорционални одговри на итните закани истовремено штитејќи ги човековите права и владењето на правото.

-Сега, повеќе од кога и да е владите мора да бидат одговорни и транспарентни. Граѓанскиот сектор и слободата на говорот се клучни, граѓанските организации и приватниот сектор имаат исклучително важна улога. И во се што правиме, никогаш да не заборавиме, заканата е вирусот, а не човекот, вели Гутереш.

Мора да се осигураме, потенцира генералниот секретар на ОН, дека итните мерки, вклучувајќи ја и вонредната состојба, се правни, пропорционални, неопходни и недискриминирачки, оти имаат специфичен фокус и траење, како дека и се преземааат најмалку наметлив пристап за заштита на јавното здравје.

Мерките што ги преземаат владите во борба против болеста КОВИД-19 имаат далекусежни последици на темелните права на сите, вклучувајќи ги и правата на живот и здравје, смета и Агенцијата на Европската унија за човекови права (FRA).

-Пoтполно е јасно дека во текот на пандемијата се потребни силни јавноздравствени мерки за да можат да се заштитат животите на луѓето, Но, здравјето може да се штити, а во истовреме да се почитуваат човековите права, се вели во последниот извештај на Агенцијата. Со стратегиите во јавното здравство, смета, мора да се гарантира дека сите органичувања на основните човекови права треба да траат толку долго колку што е неопходно со нив да се заштитат постојните ранливи категории кои можат да бидат изложени на поголема опасност од Ковид 19. Мерките кои владите ги презеле, како социјално и физичко дистанцирање не би смееле да имаат за последица социјална изолација.

На оваа линија се и граѓанските организации и експертите во земјава. Од Хелсиншкиот комитет на Република Македонија сметаат дека иако во време на вонредна состојба, Владата може да презема активности надвор од рамките на она што би било дозволено во нормални околности, таквата состојба, во никој случај не смее да претставува изговор за надлежните органи да ги кршат човековите права. Човековите права и слободи мораат да бидат земени предвид при одлучувањето за преземање на мерки додека трае оваа состојба.

-Во извесна смисла, прибегнувањето кон вонредна состојба претставува премин од правило кон исклучок. Концептот за итност е заснован на идејата за ненадејна и неочекувана појава, како моменталната ситуација со КОВИД-19, чии ефекти водат до преземање на невообичаени правни и политички одговори. Токму затоа, реакцијата треба да биде ефикасна и мерките кои се преземаат мора соодветно да бидат таргетирани за да ги дадат посакуваните резултати. За времетраењето на вонредната состојба, државата не смее произволно да го спречува уживањето на човековите права или пак, произволно да ги ограничува човековите слободи, за чие обезбедување и заштита е одговорна. Мерките треба да бидат преземени строго во согласност со барањата што ги наложува ситуацијата, потенцираат од Хелсиншкиот комитет.

Согласно домашните и меѓународните стандарди, сметаат од Хелсиншкиот комитет,  ограничувањето на правата и слободите во никој случај не смее да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Институтот за европска политика во својот извештај наведува дека земјава дерогирала од Европската конвенција за човекови права во врска со вонредната состојба воведена поради ширењето на КОВИД-19. Ова, велат од Институтот, се чини како сосема очекуван, следен, чекор откако земјата прогласи вонредна состојба.

-Но, сметаме дека е важно да се има предвид дека значењето, оценката и последиците од дерогирањето ќе зависат не само од осмисленоста и начинот на кој е изведен првичниот потег – поднесувањето на известувањето за дерогацијата, туку и од сите понатамошни чекори кои земјата ќе ги преземе од сега па до денот кога ќе ја прекине дерогацијата. Ова ќе бидат елементи на кои Европскиот суд за човекови права ќе се фокусира кога ќе ги разгледува случаите кои ќе ги добие поврзано со мерките кои ги презеле или не ги презеле државите за време на КОВИД-19 кризата, се посочува во нивниот Извештај.

Оваа криза, се вели во извештајот од Институтот, ќе постави нов предизвик и за мониторингот во врска со човековите права за граѓанските организации, но и за домашните судови кои ќе треба да ја проценат неопходноста и пропорционалноста на воведените мерки во случаите поврзани со овие мерки.

Во иднина сметаат од Институтот, власта треба да внимава на обезбедување на принципот на недискриминација преку воведување на интерсекциски пристап и оти со цел минимизирање на можноста за диспропорционален негативен ефект кон најмаргинализираните во општеството, потребно е воведување на интерсекциски пристап кон планирањето, спроведувањето, мониторирањето, евалуирањето и прекинувањето на мерките.

Ова е особено важно покрај за самите лица кои би биле повеќе погодени од воведените мерки споредено со другите, и затоа што пропорционалноста на мерките ќе биде еден од критериумите според кој ќе се оценува дерогирањето при евентуалните идни случаи кои би пристигнале до ЕСЧП.

Според Институот, потребна е мониторирање и ре-евалуација на мерките и, по потреба, нивно прилагодување или прекинување. Постојаното следење овозможува не само носење на заклучоци за тоа дали воведените мерки го даваат очекуваниот резултат, туку и дали има потреба за нивно прилагодување или прекинување. Одржувањето на сила на мерки за кои прекинала потребата нема да се смета за оправдано според ЕКЧП.

Исто така, велат, потребна е транспарентност како за воведувањето на мерките, нивната
цел, така и за нивното следење – потребно е известување за околностите во врска со дерогирањето на јасен, недвосмислен и транспарентен начин. Ова вклучува известување за целта или целите кои се сака да се постигнат со поединечните мерки, како и проценката на државата за пропорционалноста, стриктната потребност и законскиот основ за нив. Транспарентност во врска со следењето на спроведувањето на мерките е потребна со цел да се има преглед врз континуираната потреба од нивно постоење.

За тоа кои се импликациите на вонредната состојба во однос на човековите права, во смисла на нивно ограничување и како тоа решено во нашата земја говори и претседателот на Македонското здружение на млади правници Зоран Дранговски.

Вонредната состојба, вели тој, ќе ја одбележиме со фактот дека во поголем дел од земјите одговорноста за справување со пандемијата е во рацете на извршната власт, на која овластувањата постојано ѝ се зголемуваат. Зголемените овластувања на извршната власт резултираат со стеснет простор за слободата и правата на човекот.

-Европскиот суд за човекови права може да ги прифати отстапувањата за да оправда некои исклучоци од членовите на Конвенцијата, но никогаш не може да оправда мерки и постапувања на државите што се во спротивност со главните барања на Конвенцијата за законитост и пропорционалност. Оттука произлегува дека секое отстапување мора да има јасна основа во домашното право за да се заштитиме од самоволие и арбитрарност и ограничувањето мора да биде строго неопходно за борба против вирусот во ваква вонредна состојба, потенцира Дранговски.

Сепак, додава, и од дебатата која се разви помеѓу правните експерти по ова прашање, најважниот аспект е дека дерогацијата од некои права не ѝ дозволува на ниедна земја потписничка на Конвенцијата да ги ограничуваа правата на човекот и граѓанинот самоволно, дури и во вакви услови на пандемија. Во услови на криза, линијата помеѓу неопходните мерки и злоупотребите од власта може да стане многу тенка и бледа, за да може и лесно да се поместува. Затоа, особено за земја како нашата во која веќе долг период тешко се воспоставува владеењето на правото, потребно е да бидеме внимателни за да не подвлекуваме линии одново и одново.

Треба да знаете
Последни објави