Search

Коронавирусот на Орбан му донесе големи овластувања на неограничено време

Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, во понеделникот си обезбеди вонредни овластувања со неограничено времетраење бидејќи парламентот, со повеќето пратеници од неговата партија, го прифати т.н. короназакон, кој е критикуван од опозицијата и групите за човекови права.

Во деценијата во која е на власт, Орбан постојано ги зголемува своите овластувања, а со најновиот закон собранието го потврди продолжувањето на вонредната состојба без јасно да го наведе траењето на истата, што ќе му овозможи на премиерот во текот на епидемијата да владее со извршни уредби, пренесува „Ројтерс“.

Законот, изгласан со 137 гласови „за“ и 53 „против“, предвидува до пет години затвор за ширење лажни вести за вирусот или владините мерки, а нејчесто мета на вакви обвинувања се денеска ретките независни медиуми во Унгарија, пренесува „Франс прес“.

Преку оправдување со епидемијата на коронавирус, национал-конзервативната влада донесе закон за контрола на земјата, велат критичарите во Унгарија и во странство.

Законот е претеран одговор на кризата, смета опозицијата, а некои опозициски пратеници го нарекоа државен удар, или пат до диктатура.

Независниот пратеник Акос Хадхаз го нарече нацрт-законот стапица за опозицијата што владата ја обвинува дека стои на страната на вирусот.

Девет организации за слобода на медиумите ги повикаа лидерите на ЕУ да го осудат законот кој како што велат, ги задушува основните права и слободите на медиумите.

„Неограничена и неконтролирана вонредна состојба не може да гарантира почитување на основните принципи на демократијата“, реагираше Советот на Европа, најстарата и водечка европска организација за човекови права, предупредувајќи дека законот нема временски рок.

Но, владиниот портпарол Золтан Ковач тврди дека законот сепак е временски ограничен, затоа што парламентот може да го укине како и самата пандемија, за која како што рече, искрено се надеваат дека еден ден ќе заврши.

Треба да знаете
Последни објави