Search

Концерт на Филхармонија со израелската виолончелистка Даниеле Акта

Филхармонија вечер ќе одржи симфониски концерт насловен „Младост, среќа, иднина”. Ќе бидат изведени Симфонијата број 3 од Феликс Менделсон и Концертот за виолончело и оркестар од Роберт Шуман. Диригент е маестро Јерухам Шаровски, а солистика Даниеле Акта, и двајцата од Израел. Маестро Јерухам Шаровски е роден во Буенос Аирес и рано почнал да изучува музика, а потоа студирал флејта, контрабас, композиција и диригирање на Националниот конзерваториум за музика во својот град. Во раните седумдесетти години на минатиот век имигрирал во Израел, каде дипломирал на Академијата за музика „Рубин” во Ерусалим под палката на проф. Менди Родан. Во 1990 година, Шаровски бил избран од славниот маестро Зубин Мехта да ја прими наградата „Млад артист на годината”, кога ја добил и привилегијата да диригира со Израелската филхармонија, како и со другите поголеми оркестри во Израел.

По турнејата во поранешиот СССР која за него ќе биде значајна во кариерата, во 1991 година станал уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар „Раанана” во Израел. Под палката на Шаровски, овој оркестар станал еден од најпопуларните симфонски ансамбли изведувајќи стотици дела и надвор од земјата. Од 1998 до 2004 година, маестро Шаровски раководел и со Бразилскиот симфониски оркестар на Рио де Женеиро, со кој патувал на турнеи во Бразил и во Европа и снимил четири ЦД-иња. Тогаш Шаровски го формирал Младиот симфоники оркестар на Бразил, кој ќе стане еден од најпознатите ансамбли во земјата. Со Бразилскиот симфониски оркестар заминал на турнеја и во САД, кога во Централ парк во Њујорк и во Линколн центар одржал концерти пред 50-илјадна публика кои биле високо оценети од публиката и од критиката.

За време на својата кариера, маестро Шаровски диригирал со над 50 оркестри во повеќе од 20 различни земји, вклучувајќи ги и серијата концерти со маестро Лорин Мазел, диригирајќи со Минхенската филхармонија во Германија и со Симфонискиот оркестар на Ерусалим заедно со Баварскиот радиооркестар на концерти посветени на градот Ерусалим. Маестро Мазел го предложил маестро Шаровски да биде и дел од жирито на Мазел интернационалниот натпревар за диригенти (2002). Широк е неговиот репертоар и во однос на оперските изведби, а во последните години тој гради навистина успешна кариера на полето на едукацијата, одржувајќи мастер-часови на значајни универзитети во светот.

Израелската виолончелистка Даниеле Акта (2002) е родена во семејство на музичари. Почнала да свири чело на четири години, по нејзино барање, на Музичкиот конзерваториум „Раана” со Галина Ароновил и Луба Рабин. Даниеле свири на челото „Енрико Орсели”, направено во Песаро околу 1925/1930 година, и има гудало направено од Клод Томасин околу 1900/1920 година. Досега настапувала со Камерниот оркестар „Московски виртуози и Владимир Спиваков”, Израелската филхармонија, Националната филхармонија на Русија, Филхармонијата на Кејптаун, со Вадим Репин и Филхармонијата на Новосибирск и многу други светски оркестри. Даниеле Акта како солистка настапувала и на најпрестижните светски сцени – „Карнеги хол”, концертната сала „Чајковски”, „Барбикан”, Линколн центар и др.

Оваа исклучителна виолончелистка беше рангирана меѓу десетте најдобри изведувачи во 2016 година од „Дајли газета”. Како добитиничка на стипендијата на Американско-израелската фондација за култура, таа настапи на гала-настанот по повод 75-годишнината на фондацијата на која домаќин беше Исак Перлман во Линколн центар во Њујорк. Акта е лауреатка на натпреварот „Флејм” (Париз, 2014), на интернационалниот натпревар во Атина (2014, 2015) и на Израелскиот натпревар за виолончелисти (2013). Таа е студентка на проф. Франс Хелмерсон на Музичката академија во Берлин од 1915 година.

Треба да знаете
Последни објави