Search

Концерт на етно составот “Вез” во Крива Паланка

 Во Националната установа Центар за култура Крива Паланка синоќа се одржа концерт на етно составот “Вез” кој во рамки на едночасовната програма изведе дванаесет стари македонски песни.
Песните :”Зајди, зајди”, “Со маки сум се родила”, “Ајде ред се редат мале”, “Огрејала месечина” и други беа изведени во живо од вокалот Моника Стојчева, во придружба на звуците на кавал, во изведба на Илија Ќосески,тамбура, Никола Ѓоргиев, тапан, Христијан Стаменковски и клавијатура и гајда Марио Иванов.
-Како состав сме компактни, јас сум професор, останатите изведувачи се студенти на Факултетот за  музичко образование. Изведуваме традиционална македонска музика со мали преработки, со звуците на традиционалните инструменти. Целта е да ги сочуваме од заборав овие песни со трајна вредност, истовремено да ја поттикнеме помладата генерација и публика да се запознаат со песните што се дел од нашето културно-музичко и етнолошко наследство, а и да ги “намамиме” да ги слушаат овие песни, изјави Илија Ќосески од етно состав “Вез”.
Концертот во Крива Паланка е прв во низата што ќе се одржат викендов, како настани поддржани од Министерството за култура на Република Северна Македонија во рамки на програмата “Нов културен бран”.
Денеска во 16 часот “Вез” ќе настапи во Виница, а во 20 часот во Берово, додека во недела ќе бидат дел од манифестацијата “Самун ем татлија”  каде ќе настапат 11 часот во Радовиш и вечерта ќе настапат во Богданци.
Во претстојниот период етно состав “Вез” планира да издаде и носач на звук со традиционална македонска музика.
Треба да знаете
Последни објави