Search

Концерт на Бело дугме вечерва на плоштадот во Скопје

Култната група од времето на поранешна Југославија, Бело Дугме ќе одржи вечерва бесплатен концерт на плоштад „Македонија” во Скопје.

На кусата прес-конференција по повод концертот, Горан Бреговиќ и вокалот Ален Исламовиќ најавија одлична забава.

-Ќе настапиме со весели песни. Кој нема да полуди тој не е нормален, вели во негов стил Бреговиќ.

Исламовиќ, секогаш кога настапува во Скопје, вели, ја има таа доза на адреналин.

Пред македонската публика, но и посетители од регионот, се очекува бендот вечерва да ги изведе некои од најголемите хитови на Бело Дугме.

Бело Дугме, кое се сметаше за еден од највлијателните бендови на поранешната југословенска рок – сцена, го формираше Горан Бреговиќ во 1974 година и постоеше до 1989 година. Во тој период се сменија тројца вокалисти. Во првата постава беше Жељко Бебек, кого го наследи Младен Војичиќ Тифа, а по него дојде Исламовиќ. За своето постоење групата сними девет студиски албуми, четири албуми со настапи во живо и 10 компилации. Често одржуваат концерти низ земјите од регионот и пошироко со песните од репертоарот на бендот. Концертот во Скопје е организиран по повод отворањето на Казино Фламинго. 

Треба да знаете
Последни објави