Search

Концентрација на моќ кај премиерот, главна забелешка за предлог-законите за АНБ

Преголема акумулација и концентрација на моќ во рацете на премиерот, кој ќе претседава со Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, а ќе го предлага и директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), отсутноста на Претседателот на државата и на Собранието и на директорот на Бирото за јавна безбеднсот како членови во Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, внатрешната контрола и дилемата за потребата за прислушување во одредени случаи од страна на АНБ, се главните забелешки изнесени на денешната јавна расправа по Предлог-законот за АНБ и Предлог-законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во државата.

Во образложението на двата предлог-закони министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски реформата на безбендосно – разузнавачките служби е важна над се за восопоставување сигурен систме за заштита и почитување на човековите права, гарантирање на безбедноста и сигурноста на граѓаните и на државата. Идејата на реформата, потенцира тој, е законски да се регулираат методите што се користат во современите европски земји, со цел да постои транспарентност, надзор и контрола на нивната примена, како сериозни недостатоци кои, рече, ги имавме во функционирањето на безбедносните служби.

– Клучна цел е поставување основи за модерна, професионална и развиена служба. Вработените не смеат да бидат членови на политичка партија. Токму затоа битен сегмент е селекцијата на вработнеите кои ќе сакаат да работата во новата АНБ, рече Спасовски. Додаде оти не сите сега вработени во УБК, по сила на закон ќе преминат во новата АНБ. Според него, нема да бидат вработени мал број на луѓе кои не се однесувале професионално и ја злоупотребувале службата, а тоа се правело од паритски, лични, или од бизнис интереси во изминатиот период.

Според Фросина Ташевска Ременски во реформите на безбедносно-разузнавачката заедница во делот на селекцијата при вработувањата законитоста треба да биде на прво место, да се отстранат, сите можности за злоупотреба и субјективност. Укажа меѓу другото дека клучни се контролата и надзорот над работата на АНБ, кои во предлог-законот, подвлече, не се соодветно регулирани, а не се доуредени и одредбите за внатрешната контрола, финансирањето на Агенцијата, но и полиграфското тестирање  за вработените.

Се прави промена на вредностите, истакна професорот од Факултетот за безбедност Злате Димовски, кој говорејќи за предлог-законите, како недостаток посочи и тоа дека досега во теоријата нема постигнато консензус за прифатлива дефиниција што е национална безбедност. Во однос на Предлог-законот за АНБ посочи дека основна алатка за работа во агенцијата се тајната соработка и во таа насока побара соработниците и податоците што ги доставуваат да се забрани да се злоупотребуваат, затоа што, потсети тоа е веќе лустрација, а сето тоа и штети на соработничката мрежа која и е потрбна на Агенцијата.

И неговиот колега професорот Марјан Николовски укажа дека по примерот на отворањето на досиејата во минатото ќе се уништи соработничката мрежа, што треба законски да се регулира за да стане функционална. Потенцира дека многу е важна департизацијата и професионалноста, но од особена важност е и континуираната обука што по примерот на МОСАД – Израел и британската МИ6, треба да се одива во формирање центар за обука.

Марјан Ѓуровски од Факултетот за безбедност побара да се повлечат или да се направат сериозни измени на двата предлог-закона и да се донесе закон за интегрална безбедност. Тој смета дека директорот на АНБ треба да го избира Собранието, а со Советот за Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница постои опасност, рече, да му се одземат дел од надлежностите на Претседателот на државата во однос на безбедносниот систем. Меѓу другото ја отвори дилемата зошто е потребно АНБ во одредеи случаи да има можност за прислушување , кога за таа цел веќе работи ОТА.

Деканот на Правниот факултет на Универзитеот во Тетово Кебир Абзиу го отвори прашањето за внатрешната контрола во АНБ. Логично е, според него, раководителот на внатрешната контрола во АБН, да не биде одговорен пред директорот на Агенцијата.

За Оливер Андонов професор на Воената академија двата предлог-закона покажуваат ретроградност. Предлага директорот на АБН и двајца негови заменици да бидат предложени надвор од Службите за безбедност, а еден од замениците да  раководи со внатрешната контрола.

Ване Цветанов, претседател на Здружението „Зелена лупа” побара 10 години наназад да се испитаат политички монтирани процеси и вмешаноста на инспектори, кои ги надминале нивните надлежности.

Треба да знаете
Последни објави