Search

Конференција – Северна Македонија мора да биде држава без рудници

Северна Македонија мора да биде земја без рудници. Владата мора да го стопира овој проект. Наместо рудници, алтернатива е зелената економија.

Ова го порачаа учесниците на денешната конференција „Не за рудници, да за зелена економија”, организирана од партијата ДОМ, а на која беше заклучена дека во земјава не треба да има рудници, бидејќи се штетни за животната средина и за здравјето на жителите.

– Пораката што ние како зелена партија сакаме да ја пратиме е дека сме против рудници, но нудиме алтернатива што е здрава за граѓаните и здрава за животната средина, а тоа е зелената економија. Тоа е начин на кој државата може да направи економски развој и жителите да имаат економски бенефити и истовремено да се заштити и животната средина и здравјето на луѓето, истакна пратеничката и пратседателка на ДОМ, Маја Морачанин.

Нагласи дека во југоистокот жителите главно се занимаваат и нивната егзистенција зависи од земјоделските дејности и од туризмот, образложувајќи дека доколку биде одземена концесијата за рудникот Иловица, Владата нема да плаќа пенали.

– Во Европската Унија веќе одамна е прифатена циркуларната економија, тоа значи дека треба досегашниот економски модел на линеарна економија, во која само се црпат природните ресурси од планетата и се искористуваат за потоа да се продуцираат огромни количини на отпад со кои не можеме да се справиме на одржлив начин, да се замени, потенцираше Морачанин.

– Во оваа област како што е металургијата треба да се користат веќе експлоатираните богатства, веќе има индустрии и фирми што се занимаваат со рециклирање бакар и злато, што значи од електронскиот отпад можеме да ги добиеме оние количини метали што ни се потребни во индустријата, заклучи пратеничката.

Констатираше дека нема потреба да се уништува животната средина на штета на здравјето и на егзистенцијата на луѓето од југоистокот.

– Што се однесува до случајот со Иловица тие немаат одобрување за стратегијата за оценката на влијание на животната средина, така што нема такво решение за одобрување и нема одобрение за работа затоа што немаат а-интегрирана еколошка дозвола.Од Министерството за животна средина и просторно планирање информациите се дека таква дозввола не е издадена, наведе Морачанин.

Костадин Ристоманов, од Здружението против отворање на рудникот Иловица „Еко долина” нагласи дека рудник нема да има, посочувајќи дека младите од регионот истакнале оти, како што рече, ако треба со „жив ѕид” ќе го спречат работењето.

– Премиерот сам кажа дека постојат три, четири причини за веднаш да им се одземе концесијата на „Еуромакс рисорсис” за рудникот, нагласи Ристоманов, повикувајќи го заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули во јавност да го прикаже документот за оценка за влијание на животната средина, оквалификувајќи го тој документ како „јавна тајна”.

Ангел Наков, од Здружението „Спас за Гевгелија”, истакна дека проектот е катастрофален.

– Тоа е еден катастрофален проект, донесен од претходната Влада, кој оваа Влада има задача да го стопира бидејќи тоа ќе претставува катастрофа, ќе се претвори половина Македонија во пустина, потенцираше Наков.

Истакна дека Владата презела два важни чекори, односно ја одзела концесијата за рудникот Казандол во Валандово и го донела Законот за забрана на цијанид и сулфурна киселина за употребна во рудниците во Северна Македонија.

– Македонија мора да биде држава без рудници. Претходната Влада може да се правда да вели, не бевме свесни, не ги знаевме последиците, но после овие две години, оваа Влада знае се и нема извинување, мора да го стопира овој проект, посочи Наков.

Треба да знаете
Последни објави