Search

Конференција: Истражувачкото новинарство во земјава уште долго време ќе биде само посакуван идеал

Не може да се очекува дека новинарите кај нас, со бедни плати од 300 – 400 евра, ќе се амбицираат и ќе истражуваат теми од областа на корупцијата и криминалот. Освен што не се доволно финансиски поддржани, немаат и елементарни услови за таква работа, па нивното известување главно се сведува на дневно информирање во кое доминираат политиката, протоколарните средби и сувопарните изјавите на функционерите.

Истражувачкото новинарство, како што беше речено на годишната конференција што се одржа денеска во рамки на проектот „Заедно во борба против корупција”, е маргинализирано и во формалното образование. Овој предмет на некои факултети е ставен како изборен, а на други во шестиот или седмиот семестар.

-Во ваков контекст на мали плати и непотпишан колективен договор не може да се очекува новинарите да бидат самоиницијативни и да поттикнуваат дебати. Оттука и клучното прашање, дали во вакви услов некој уште воопшто сака да е новинар?, истакна професорот од Универзитетот на Југоисточна Европа, Сефер Тахири.

Негова оценка е дека истражувачкото новинарство во земјава уште долго време ќе биде само посакуван идеал.

Според Кристина Озимец, истражувачки новинар и претседател на Платформата за истражувачко новинарство и анализи, клучните предизвици се поларизираноста на професијата, автоцензурата и тешкото изнаоѓање независни начини на финансирање.

-Не е баш така како што се збори, дека со актуелнава власт може се да се каже и да се напише. Се уште постојат притисоци, јавувања, обиди за влијанија. Постои и онлајн вознемирување. Особено се соочуваме со реакции откако ќе објавиме некои стории. Евидентно е дури дека тие реакции не се баш така наивни, туку се координирани, посочи Озимец, додавајќи во овој контекст дека во вакви ситуации не треба да се преќутува, туку дека треба да се зборува јавно и гласно.

Засега, нагласи Озимец, истражувачкото новинарство кај нас е поддржано само од поголеми, главно странски проекти. Затоа, рече, се неопходни независни иницијативи и вооопшто нови начини на работа на медиумите. Дополнителен предизвик и според неа, е тоа што веќе нема млади новинари, ниту постои голем интерес за оваа професија.

Во воведното обраќање на конференцијата, Александар Божиновски од Центарот за истражувачко новинарство СКУП потенцира дека меѓу клучните проблеми е и тоа што инситуциите се затворени, информациите не се лесно достапни, а понекогаш за нив треба и да се плати, додека во европските земји се добиваат со само едно кликање на компјутер. Не постојат ниту континуирани бази на податоци.

-Закани за истражувачките новинари има, но тоа е дел од професијата како што е случај со полицијата, судиите, нотарите, рече Божиновски.

На конференцијата беше презентиран и Тетиот мониторинг извештај за работата на Државното правобранителство. Во Извештајот се нотира дека има недостаток од комуникација на Државното правобранителство со граѓаните, а неспорна е и потребата од објавување на мислењата кои ги дава овој орган за склучување договори, односно за отуѓување градежно земјиште и за давање под закуп.

Треба да знаете
Последни објави