Search

Конференција „Иднината на ЕУ – Погледи од Западниот Балкан” во Виена

Во организација на австриското Министерство за ЕУ, денеска во Виена ќе се одржи конференција на тема „Иднината на ЕУ – Погледи од Западниот Балкан”.

Во соопштението на Министерсвото се посочува дека на собирот се поканети претставници на Република Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора, како и на Романија, која е актуелен претседавач со ЕУ, за да разговараат за иднината на западнобалканските земији во Унијата.

Цел на Конференцијата е да се увиди „погледот од надвор на дискусијата за иднината на ЕУ”, особено пред изборите за Европскиот парламент во мај годинава, при што, како што се нагласува во сооштението, Австрија планира на собирот да настапи како „портпарол” на земјите од Западен Балкан.

Според најавите, на собир во Виена ќе учествуваат вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, шефовите на дипломатиите на Албанија и БиХ, Сокол Деда и Игор Црнадак, министрите за европски интеграции на Косово и на Србија, Дурата Хоџа и Јадранка Јоксимовиќ и државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Црна Гора. Зоран Јаконовиќ. Романија на собирот ќе ја претставува министерот за европски прашања Џорџе Чиамба.

Во пресрет на собирот, домаќинот на Конференцијата, австрискиот министер за ЕУ, Геронт Блимел вчера изјави дека на Австрија и е целосно јасно оти ЕУ ќе биде целосна дури кога земјите од Западниот Балкан ќе станат нејзин дел.

Според Блимел, во дисусијата за идните односи во ЕУ неопходно е да бидат вклучени и државите од регионот на Западен Балкан, со цел и тие да учествуваат во креирањето на европската иднина.

– Главен приоритет е во јуни да започнат пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, нагласи Блимел.

Според него, сепак, ќе треба да се биде искрен кон некои земји, кои немаат перспектива за членство во ЕУ.

– Затоа се залагаме за прекин на преговорите (за членство) со Турција и затоа оваа земја не ја поканивме на конференцијата, додаде Блимел.

Треба да знаете
Последни објави