Search

Конференција: Земјоделството да се приспособи на европските правила

Македонскиот земјоделски сектор треба целосно да се приспособи и да ги прифати правилата на заедничката земјоделска политика во Европската унија, со исти царински прописи, фитосанитарни и ветеринарни правила, заедничко регулирање на пазарот,  високите стандарди за безбедност и квалитет на храната, мерки за рурален развој, беше истакнато на меѓународната конференција „Насоки за унапредување на земјоделско-прехранбениот сектор во Република Северна Македонија”, што се одржува денеска во Стопанската комора на Македонија.

– Секоја држава членка нема автономност во интервенирање на пазарот, заеднички се царините,  договорите за слободна трговија…  Тука се задолжителните и скапи прилагодувања на стандардите што ги бара ЕУ што се однесуваат на заштита на животната средина, на сите аспекти на безбедноста на храната, како што се ветеринарните и фитосанитарните прописи, политиката за квалитет на храна, составот, еколошко производство,  изјави Жаклина Јуришиќ, преставник на хрватската Стопанска комора.

Таа на конференцијата говореше за предизвикот со кој ќе се соочи државава, а особено агро секторот со влезот во Европската унија, при што ги сподели искуствата на Хрватска.

На конференцијата беше истакнато дека можностите за поголем придонес на земјоделската дејност во националната економија согласно расположивите потенцијали во земјоделството не се целосно искористени и покрај традицијата во тој сектор и поволните климатски услови. Повеќе од една третина од земјоделското обработливо земјиште не се обработува. Субвенциите што се исплаќаат од 2007 година, според дел од учесниците, не ги дадоа саканите ефекти и наместо развојна нота тие беа искористени како социјално-политичка алатка.

Според проф. д-р Благица Сековска од Факултет за земјоделски науки и храна Скопје, во земјата постои неконзистентна земјоделска политика, а субвенциите не се гаранција за успешен агро сектор.

– Освен мерката субвенции, треба да се најде начин како со друг тип мерки и политики да се задржат луѓето во селата, но не по цена сите да се занимаваат со земјоделство. За да се реализира ова потребно е да се направи сеопфатна анализа. И натаму остануваат проблемите со неискористени средства од ИПАРД програма, потешкотии во пристап до финансии за фармери, пренамена на земјоделско земјиште во градежно, не постои грижа кон системите за наводнување, недостиг на работна сила, недостаток на здружување на фармерите, рече Секоска.

Нејзиниот колега  проф. д-р Ордан Чукалиев како проблематични ги посочи нестандардното производство и ниското ниво на специјализација. Потребен е и советодавен систем за земјоделците, како и транспаренти и достапни податоци кои ќе водат до едукација на земјоделците и унапредување на земјоделството. Македонија е земја со 220 сончеви денови од кои 50 дена се топлотен стрес и го забавуваат производството. Поради тоа невозможно е да кажеме дека имаме конкурентска предност, единствено како предност е вкусот на производите, оцени Чукалиев.

Според Никола Деребанов од „Перминдекс” Градско, основен проблем со кој се соочува земјоделскиот сектор е големината на земјоделските стопанства. Воедно, наведе тој, во последните 10 години се соочуваме и со најниски приноси, ниски продуктивност и примања и се намалува и бројот на земјоделски семејства, од 190.000 на 170.000. Во просек од 1,8 до два хектара земјоделска површина отпаѓа на земјоделско семејство. Тоа е мал процент на земја, ако се спореди со регионот, како на пример Бугарија каде  односот е десет пати поголем, или пет пати во Хрватска, наведе Деребанов.

Земјоделството (вклучително и лов, шумарство и рибарство) е третиот најголем сектор по услугите и индустријата. Неговото учество во вкупниот БДП остана релативно стабилно изминатиот период, со околу 10 до 12 проценти, а заедно со преработувачката индустрија, процентот се зголемува на 16 до 18 проценти.

Треба да знаете
Последни објави