Search

Конкурс на британската Влада за доделување Чивнинг стипендии

Британската Влада за учебната 2020/2021 година ќе додели над 1.500 Чивнинг стипендии на глобално ниво, кои претставуваат значајна инвестиција на Велика Британија за развојот на идните генерации на глобални лидери.

Аплицирањето за стипендиите започна на 5 август и ќе трае до 5 ноември оваа година.

Чивнинг стипендиите им се доделуваат на лица кои покажуваат лидерски потенцијал и имаат одлична академска основа за школување на едногодишни магистерски студии на кој било британски универзитет.

Британската амбасадорка во земјава Рејчел Галовеј наведува дека со стипендиите им се нудат можности на амбициозни, професионални и иновативни идни лидери од сите области кои ќе студираат во Велика Британија и ќе бидат отворени кон нови можности што ќе им бидат понудени за време на нивните студии.

– Чивнинг стипендистите се стипендисти кои демонстрираат лидерски квалитети, имаат визија за иднината и во кои области сакаат да работат. Тие се дел од глобалната мрежа на 50.000 стипендисти. Нашите алумни се индивидуи кои се динамични, влијателни и со стекнато искуство кое имате можност и вие да го искусите. Тие можат да ве охрабрат, да ви бидат ментори и да ви дадат совети како и контакти пред вашето заминување на студии во Обединетото Кралство. Кога ќе се вратите дома по вашите студии ќе се чувствувате подготвени да започнете позитивни промени на професионален и приватен план. Во Република Северна Македонија имаме извонредни Чивнинг стипендисти кои работат во јавни институции, граѓански, бизнис и академски сектор. Доколку се гледате како потенцијални Чивнинг стипендисти ве охрабрувам да аплицирате пред крајниот рок, 5 ноември на Чивнинг страната, истакнува амбасадорката Галовеј.

Според директорот на Чивнинг Секретаријатот, Бен Коутс, овие стипендии им овозможуваат на поединци од целиот свет да студираат на едни од најдобрите универзитети на глобално ниво.

– Чивнинг искуството може да биде неверојатно позитивно, кое ќе придонесе за позитивни промени не само за самите стипендисти, туку и за општествата и земјите од кои тие доаѓаат. Нашите универзитети промовираат критичко размислување, размена на идеи, како и надградување на вашето знаење и контакти. Од кога е започната Чивнинг програмата во 1983 година многумина кои биле дел од неа се вратиле во своите земји и станале лидери во одредени области. Јас лично сум запознал многумина и сум импресиониран од нивната страст и посветеност кон она што го изучуваат и се развиваат во врвни професионалци од различни области. Денес светот се соочува со разновидни предизвици и Чивнинг семејството придонесува кон разменување на идеи и решавање на предизвици на глобално ниво, потенцира Коутс.

Треба да знаете
Последни објави