Search

Конкурс за учество на Меѓународната обука за млади лидери

Кабинетот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов информира дека по 11-ти пат ќе се одржи традиционалната Школа за млади лидери на претседателот Иванов, но прв пат во онлајн издание, поради мерките и препораките за превенција од корона вирусот.

Денеска, како што наведуваат оттаму, е објавен конкурсот за учество на Меѓународната обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов, претседател 2009-2019, која оваа година ќе биде на тема: „Лидерството во услови на глобални кризи”.

Меѓународната обука за млади лидери се одржува од 2010 година. Вкупно, во досегашните 10 обуки, учествуваа околу 400 млади луѓе од целата земја, но и од странство, со различен академски и професионален фокус. Пред десетте генерации учесници на Школата за млади лидери, предавања одржаа над 200 реномирани предавачи од С Македонија, Европа и светот. Во 2018 година, Школата за млади лидери е прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели.

Програмата е намената за млади луѓе со завршено високо образование до 35 години, дипломирани студенти и професионалци со работно искуство. Се очекува учесниците да имаат желба континуирано да ги развиваат и усовршуваат нивните лидерски вештини и да придонесуваат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.

Оваа година, Школата за млади лидери ќе се организира онлајн во следниот месец, односно во тек на три викенди, 5-6, 12-13 и 19-20 декември годинава.

-Обуката опфаќа предавања од предавачи од земјата и од странство, фокусирани на искуствата и знаењата кои би ги поттикнале учесниците да размислуваат  аналитички и да креираат заеднички решенија за предизвиците со кои се соочуваат. Предавањата ќе се одвиваат на македонски и англиски јазик, а предвидуваат и интерактивно вклучување на младите учесници, стои во соопштението.

Бројот на учесници на школата е ограничен, а право на учество имаат сите млади кои ги исполнуваат условите наведени во конкурсот кој е објавен на веб страната (линк) и на фејсбук страната (линк) на поранешниот претседател Иванов.

Треба да знаете
Последни објави