Search

Конкурс за парична награда за научен труд објавен во 2019-та во списанија со фактор на влијание

Министерството за образование и наука објави Конкурс за доделување еднократна парична награда на наставниците и соработниците на високообразовни и научни установи кои во минатата, 2019 година објавиле научен труд во списанија со фактор на влијание (импакт-фактор), реферирани во базите Web of Science на Clarivate Analytics (предходно на Thomson Reuters) или CiteScore на Scopus од Elsevier.

Наградата е во висина од една просечна нето-плата исплатена во последниот месец во земјава, а средствата ќе се обезбедат од државниот Буџет.  МОН ја доделува на авторот, односно авторите на трудот, врз основа на нивна изјава за процентуалната распределба на средствата која се доставува до Министерството по објавувањето на конечната листа за финансирање на интернет-страницата mon.gov.mk.

Конкурсот трае до 15 септември и во него се содржани условите за учество, начинот на аплицирање, потребните документи и контакти за дополнителни информации.

МОН наведе дека при рангирањето, прво се рангираат трудовите објавени во списанија реферирани во базата Web of Science на Clarivate Analytics, при што се зема предвид висината на факторот на влијание на списанието каде што е објавен трудот.

-Секоја година се финансираат најмалку 50 трудови од секое од шесте научно-истражувачки полиња според класификацијата FRASCATI. Доколку за одредено научно-истражувачко поле не се рангираат за финансирање 50 трудови, останатите средства може да бидат распределени за финансирање дополнителен број трудови од друго научно-истражувачко поле, за што на предлог на комисијата, одлучува министерот, посочува МОН.

Треба да знаете
Последни објави