Search

Комисијата за надворешна политика даде зелено светло за ратификација на Конвенцијата за намалување на бездржавјанство

Собраниската Комисија за надворешна политика на денешната седница го усвои Предлог-законот за ратификација на Конвенцијата за намалување на бездржавјанство. Заменик министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, во образложението на Предлог-законот потенцира дека меѓу другото Конвенцијата предвидува државјанство за сите, без дискриминација, како основно човеково право.

Тој информира дека законската рамка за намалување на бездржавјанство во нашата држава е определено во Устав, со Законот за државјанство и со меѓународните договори.

– Факт е дека на територијата на Република Северна Македонија има лица без државјанство, кои се од поранешната СФРЈ, а не се јавиле на повикот од МВР за регулирање на државјанството. Тука треба да се направат обиди овие лица да се вметнат во соодветниот систем и да се евидентираат, рече Нухиу и додаде дека во нашата земја нема правни или фискални импликации од имплементацијата на оваа Конвенција.

Конвенцијата на Обединетите нации за намалување на бездржавјанството од 1961 година е примарен меѓународен инструмент кој го третира проблемот на бездржавјанството. Суштинската цел на Конвенцијата е да го пропише стекнувањето државјанство за оние лица кои инаку би биле без државјанство и кои имаат соодветна врска со државата преку раѓање на нејзина територија или потекло од нејзини државјани, како и задржување на државјанството од страна на оние лица кои би станале лица без државјанство, доколку небрежно го загубат државјанството.

Пратеникот Антонио Милошоски, претседател на Комисијата, посочувајќи дека земјите од регионот веќе ја имаат ратификувано оваа Конвенција, нагласи дека пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ ќе го поддржи овој Предлог-зкаон.

Тој појасни дека Конвенцијата би важела од моментот на станување дел од законодавно-правниот систем на земјава и не би имала ретороактивна важност.

– Кога зборуваме за лица кои се затекнати на територијата на Македонија, а немаат регулирано државјанство, бројот отприлика се движи 150 лица според некои податоци што ги има нашата држава, изјави Милошоски.

Според Ивана Туфегџиќ, пратеничка од коалициските партнери на СДСМ, во нашата држава веќе има механизам во постоечките законски решенија за апатридите – лица без државјанство, што ги штити тие лица. Според неа, во земјава има уште еден проблем, а тоа се лицата фантоми, кои, подвлече, Министерството за труд и социјална политика веќе ги решава.

– Станува збор за лица кои по наследен пат не добиваат државјанство бидејќи не биле родени во болница, дали биле родени во домашни услови… Тоа е еден проблем, меѓутоа досегашната законска регулатива не гарантира заштита на правата на лицата без државјанство. Оваа Конвенција дополнително ги засилува нивните права односно работи на намалување на лицата без државјанство со цел да немаме такво зголемување земјаќи ги предвид мигрантските и бегалските кризи кои се случуваат, изјави Туфегџиќ.

Како што истакна, има и помеѓу мигрантите и бегалците лица без државјанство, а најчесто станува збор за деца. цр/са/

 

Треба да знаете
Последни објави