Search

Кои се привилегиите на шефот на државата по завршувањето на мандатот

Вториот мандат на претседателот Ѓорге Иванов му истекува на 12 мај. Засега тој не ја информира јавноста каде ќе ја продолжи професионалната кариера. Неговиот кабинет се интересирал кај Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), колку изнесува годишниот буџет за поранешен претседател на државата.

Според Законот за правата на претседателот и неговото семејство по престанок на функцијата, тој има право на пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот на државата, има право на канцелариски простор и најмногу три соработници. Има и право на лично обезбедување, како и право на користење службено возило и возач.

Законот предвидува и да учествува на државни свечености и манифестации редоследно по претседателот на Републиката, претседателот на Собранието, претседателот на Владата и претседателот на Уставниот суд.

Според Законот, парите се обезбедуваат од Буџетот. Во случај на смрт на претседателот за време на мандатот, пензијата намалена за 30 отсто ја користат неговиот брачен другар и неговите малолетни деца до завршување на редовното школување, односно до наполнети 26 години возраст. Исто така имаат право на месечен паричен надоместок кој е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот и ова право брачниот другар го користи трајно.

Од поранешните претседатели, Бранко Црвенковски има доживотна претседателска пензија и кабинет. Семејството на загинатиот претседател Борис Трајковски, неговата сопруга Вилма и децата имаат други права предвидени со Законот.

Според Уставот и законот, доживотните привилегии еден поранешен претседател може да ги загуби само ако бил разрешен со импичмент или ако Уставниот суд констатирал за време на мандатот дека претседателот има деловна неспособност.

Треба да знаете
Последни објави