Search

Ковид-19 убива 20 пати повеќе луѓе неделно отколку грипот

Ако постоеше сомневање дека новиот коронавирус не е само „силен грип“, новата научна студија го отфрли и тој мит. Авторите на студијата откриле дека имало околу 20 пати повеќе смртни случаи неделно од „ковид-19“ во САД отколку од грипот во најсмртоносната недела од просечната сезона на грип, пренесува livescience.com.

„Додека некои официјални лица ќе речат дека САРС-КоВ-2 е само уште еден грип, не е точно“, се вели во трудот на научниците од Медицинскиот факултет на Харвард и универзитетот Емори, објавен во престижното американско списание „JАМА интернешнл медицин“.

Бидејќи бил откриен новиот коронавирус на почетокот на јануари, луѓето го споредувале со грипот, нагласувајќи дека грипот убива десетици илјади луѓе секоја година само во САД. И навистина, Центрите за контрола и спречување на болести (ЦДЦ) проценуваат дека од октомври 2019 година до април 2020 година, 62.000 луѓе починале од грип во Соединетите Држави.

На прв поглед, оваа бројка може да изгледа слична на последиците од ковид-19, кој однесе 65.000 животи во САД до почетокот на мај, а повеќе од 90.000 луѓе починаа во меѓувреме. Но, тоа не одговара на она со кое медицинските служби се соочуваат во секојдневната борба против пандемијата, особено во области како Њујорк, каде што има недостаток на респиратори и многу болници се преоптоварени, се вели во студијата.

Оваа споредба е погрешна затоа што проценките на ЦДЦ за смртноста од грип сепак се само проценки, а не сурови бројки. ЦДЦ не знае точно колку луѓе во САД се разболуваат или умираат од грип секоја година. Тој број се проценува врз основа на податоците за хоспитализација во 13 држави. Од друга страна, пријавените смртни случаи од ковид-19 се всушност реалниот број на луѓе кои починале од болеста, а не проценка. Со други зборови, споредбата на проценетата смртност од грипот со точниот број на смртни случаи од „ковид-19“ е всушност споредба на круши и јаболка, сметаат авторите на студијата.

Затоа, во една нова студија, истражувачите го разгледале бројот на потврдени смртни случаи од грип неделно и ја споредувале со бројот на потврдени смртни случаи од „ковид-19“. Врз основа на смртовниците, се покажа дека во најсмртоносната недела од сезоната на грип во последните години, бројот на починати во САД варира од 351 во сезоната 2015/2016 до 1626 во сезоната 2017/2018 година. Во просек, неделно умирале 752 луѓе за време на шпицот на сезоната на грип од 2013 до 2020 година.

За споредба, во неделата која завршува на 21 април, и која беше најсмртоносната во САД досега, од пандемијата на „ковид-19“ починале 15.455 луѓе. Тоа значи дека бројот на смртни случаи од „ковид-19“ во таа недела бил 10 до 40 пати поголем отколку во текот на најсмртоносната недела во последните седум сезони на грип. Авторите забележаа дека неделниот врв на смртност од „ковид-19“ е околу 20 пати поголем од неделниот врв на смртност од грип.

Треба да знаете
Последни објави