Search

Ковид-19: Поделба во полската владејачка коалиција во однос на одржувањето претседателски избори

Одложувањето на претседателските избори во Полска поради пандемијата на коронавирус би било неуставно, повтори денеска лидерот на владејачката партија „Право и правда” Јарослав Качински.

– Согласно Уставот, избори мора да се одржат доколку не се прогласи вонредна состојба, изјави Качински за јавниот сервис Јединка, пренесува ДПА. Тој вели дека Долниот дом на Парламентот ќе гласа за одржување на изборите по пат на пошта.

Од друга страна, помалата партија во владејачката коалиција „Поразумњење” (Договор), предводена од од вицепремиерот и министер за наука Јарослав Говин се противи на одржување претседателски избори на 10 мај, поради ризикот од ширење на коронавирусот. Во денешната изјава за „Полска тајмс” Говин вели дека се противи на одржување избори, но и дека доколку тоа се случи, нема да излезат од коалицијата.

– Одлуката за датумот на избори мора да ја земе предвид епидемијата. Нема простор за политички игри. Станува збор за живот или смрт, тврди Говин.

Опозицијата, како и 80 отсто од граѓаните, според анкетите, бараат дложување на изборите, но владејачката Право и правда вчера поднесе и предлог за измена на законот за избирачките места да останат затворени, а сите да гласаат по пат на пошта.

Во вторникот, пратеничката група на Право и правда поднесе предлог сите Полјаци, а не само оние кои се во карантин да добијат право по пошта да го испратат својот глас. По синоќешното итно советување на раководството на партијата договорено е законот да се измени на тој начин што изборите ќе бидат одржани во уставниот рок, но поради епидемијата сите да гласаат по пошта.

Опозицијата бара од Владата на Матеуш Моравјецки да прогласи кризна состојба, потенцирајќи дека нема да мора да се воведе вонредна состојба, со што би се овозможило легално да се одложат изборите.

Опозицијата предупредува и дека ако изборите се одржат на 10 мај, нема да бидат легитимни затоа што во услови на мерки против ширењето на епидемијата, единствен кој ќе може да води предизборна кампања е актуелниот претседател Анджеј Дуда. Тој, како шеф на државата, единствен се појавува во јавност, додека некои од 19 пријавени кандидати поради воведените мерки не успеале да ги соберат потребните потписи и нема да бидат регистрирани како претседателски кандидати.

Според анкетите Дуда води пред останатите кандидати и докуолку се одржат изборите на 10 мај, во вакви услови, тој веројатно ќе победи уште во првиот круг, посочуваат аналитичарите. 

Треба да знаете
Последни објави