December 1, 2021 16:42
Македонија

Ковачки во Собранието ќе го замени Јорданов, новиот штипски градоначалник

Локалните избори донесоа промена во собранискиот состав откако четворица пратеници победија во првиот круг и ќе бидат градоначалници. Во трката за градоначалничката фукција во вториот изборен круг се уште тројца пратеници.

Промени ќе претрпат пратеничките групи на владејачката СДСМ и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Градоначалник на Струмица станува Костадин Костадинов, еден од најактивните пратеници и портпарол на СДСМ, кој беше и претседател на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, едно од клучните собраниски тела. Костадинов беше еден од пратениците на СДСМ кои најчесто ги пренесуваше ставовите на пратеничката група во собраниската прес-сала и истовремено на пленарните седници. На негово место во собраниското столче треба да седне Љубица Спасова, со реден број 12 на листата на партијата на минатите парламентарни избори.

Во првиот круг од изборите во скопската општина Аеродром победи Тимчо Муцунски, кој исто така важеше за еден од поактивните пратеници, кој истовремено беше и претседател на Комисијата за финансирање и буџет. На негово место доаѓа Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ, кој на листата на партијата и коалицијата во првата изборна единица беше на осмото место.

Дарко Костовски, исто така од ВМРО-ДПМНЕ стана градоначалник на Бутел и на негово место доаѓа Зоран Коцевски, кој на листата за пратеници во втората изборна единица беше на осмото место.

Драган Ковачки од листата на ВМРО-ДПМНЕ во третата изборна единица доаѓа на местото на новиот градоначалник на Штип Иван Јорданов.

Во вториот круг на локалните избори за градоначалничка фуниција се борат уште тројца актуелни пратеници Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ во Охрид, Биљал Касами од Беса во Тетово и Коле Чаракчиев од СДСМ во Радовиш.

Пецаков исто така е еден од поактивните пратеници во ВМРО-ДПМНЕ, а доколку лидерот на Беса Касами победи во Тетово против кандидатката на ДУИ Теута Арифи, СДСМ ќе има уште еден пратеник во Собранието. И Беса и ДУИ се владини коалициски партнери на СДСМ.