Search

Ковачевски: Инвестирани над една милијарда евра во изградба и модернизација на патната инфраструктура во земјава

Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА се осврна и на важноста од инфраструктурните проекти, неопходни за економски развој на држава. Премиерот истакна дека оваа Влада како ниедна до сега е силно посветена на остварување на деценискиот сон на претходниците, а тоа е создавање на модерна држава со развиена патна инфраструктура, која Северна Македонија ќе ја зацврсти на светската економска и инвеститорска мапа.

„Наш приоритет се реализација на крупни инвестициски проекти кои придонесуваат за поголем и побрз развој на економскиот раст на државата. Вложуваме во инфраструктурата бидејќи влогот во инфраструктурата значи развој на економијата. Постојано сме на терен и инсистираме на ефикасност во изведбата со цел да обезбедиме поквалитетен живот за нашите граѓани и со тоа што побрзо да го трасираме нашиот пат кон ЕУ. Цврсто верувам дека ќе станеме главна крстосница на Балканот и на јужна Европа. Посветени сме на подобрување на патната мрежа и изградба на современа патна инфраструктура. Градиме и реконструираме делници во региони кои биле заборавени и запуштени со децении, со што создаваме услови за нови работни места, нови инвестиции и нови можности за соработка. Градиме насекаде низ нашата држава, бидејќи нашите граѓани заслужуваат европски квалитет на живот дома”, рече Ковачевски.

Премиерот подвлече дека минатата година, во услови на најголема криза имавме рекордна реализација на капитални инвестиции од 465 милиони евра, што е за 60% повеќе од 2014 година.

„Само во последните три години, во услови на здравствена, економска и енергетска криза вредноста на капиталните инвестиции изнесува 1,1 милијарда евра. Изградени и рехабилитирани се над 40 експресни, магистрални и регионални патишта. Само за илустрација, од 2017 година досега изградени се и обновени преку 1.000 километри патишта и инвестирано е над една милијарда евра во изградба и модернизација на патната мрежа во земјава. Започна изградбата на железничката пруга на источниот дел на Коридорот 8, инвестиција вредна над 600 милиони евра со којашто инвестиција уште еднаш ги потврдивме нашите добрососедски искрени политики кои се меѓу врвните приоритети на нашиот пат кон ЕУ.

Со реализацијата на најголемиот инфраструктурен проект досега во историјата на нашата држава, изградба на коридорите 8 и 10д, Северна Македонија ја позиционираме на светската економска и патна мапа.

Овој проект, вреден 1,3 милијарди евра, ќе претставува нов економски и развоен импулс на државата, можност Северна Македонија да стане неизбежна транспортна рута како во регионот така и пошироко. Изградбата на овој проект ќе донесе 8.000 нови  работни места и номинален раст на БДП за два проценти годишно, во наредните пет години, но и ќе отвори реални можности за развој на нови бизнис и нови работни места за граѓаните. Најважниот услов за секој инвеститор е постоење на модерна и безбедна патна инфраструктура”, истакна премиерот Ковачевски и додаде дека со изградбата на автопатите нашата држава ќе биде поврзана со уште две пристаништа, во Драч и пристаништето во Бургас што е одлична можност и перспектива за развој.

Треба да знаете
Последни објави