Search

Коалиција за клима: Нема амбициозни климатски политики без учество на јавноста

Коалицијата за клима каде членуваат повеќе од 50 организации денеска преку соопштение искажа длабока разочараност што и покрај, како што велат, сите наши заложби и професионално надградување на знаењата во областа климатски промени и отвореност за соработка и поддршка, сè уште наидуваме на игнорирање на граѓаните и граѓанските организации од страна на институциите.

– Иако како држава на време ги поднесуваме потребните известувања во секторот климатски промени, земјата сè уште нема закон и стратегија за климатска акција, како и национален план за прилагодување кон климатските промени – документи кои треба да ја обезбедат имплементацијата на амбициозните климатски цели. За потребата од овие документи ни забележува и Европската унија во последните три извештаи, а истото е евидентирано како огромен недостаток и во третиот извештај за работата од областа животна средина на UNECE, стои во соопштението од Коалицијата за клима.

Според нив, учество и информирање на засегнатите страни и граѓаните во креирање на политиките во секторот климатски промени е една од најважните лекции од развиените земји и едно од барањата од Европската унија која се стреми да се издигне како лидер во климатска акција во светот.

-Климатските промени се сериозен проблем кој навлегува во сите области и ги засега сите заедници и проблем кој драматично го менува и става во опасност нашето секојдневие. Токму затоа граѓаните треба да бидат соодветно консултирани, информирани и вклучени во процесите на пишување и носење на овие национални документи. А граѓанските организации кои активно работат во секторите животна средина и клима можат да дадат голем придонес кога станува збор за застапување на потребите на граѓаните, се наведува во соопштението.

Сметаат дека не е доволно едностраното информирање на граѓаните преку официјалната веб-страница на проектот за закон и стратегија за климатска акција и официјална веб-страница на секторот климатски промени во Министерството за животна средина. Посочуваат дека граѓанскиот сектор игра значајна улога и дава значителен придонес во носењето одлуки во овие сектори, а институциите имаат обврска тој придонес да го земат предвид и за сите преземени чекори да ги информираат и консултираат граѓаните.

Треба да знаете
Последни објави