Search

Клубовите ефикасни за лекување алкохоличари

 Во Куманово,  во просториите на Црвениот Крст почна да функционира група на лекувани зависници од алкохол кои ќе добиваат стручна поддршка и помош за нивна понатамошна ресоцијализација. Клубот го отвори Здружението на клубови на лекувани алкохоличари на државата. Првата група од десетина лица веќе почна со работа, а надлежните информираат дека доколку се јави потреба ќе се формираат повеќе групи.
Во клубот, велат стручните лица, астинентите ќе  наидат на  разбирање и особено ќе се почитува нивниот напор за одржување на апстиненција.

-Со отворање ваков клуб во Куманово ја зголемуваме шансата на лицата што веќе биле вклучени во болнички третман да продолжат со лекување надвор од болнички услови. Во суштина постоењето вакви клубови е дел од процесот на лекување на лица зависници од алкохол.  Ваков клуб постои во Скопје, но сепак подобро е кога има во секој град поради полесна достапност, истакнува психологот и семеен системски советник, Сања Јовановска.

Идејата за отварање на клубот потекнала од Психијатриската болница од Скопје, вели доктор Павлина Васкова од Психијатриската болница од Скопје, додавајќи дека  две третини од пациентите на тоа одделение се од Куманово, меѓу нив и пациенти со семејно насилство со изречена мерка задолжително лекување.

Клубовите на лекувани алкохоличари, појаснува Јовановска  се сложена социјална група во која учествуваат лица зависници од алкохол, нивните семејства и стручни лица – терапевти. Во клубот се работи по принципите на тераписка заедница во период од три до пет години, а доколку чувствуваат потреба или од аспект на котерапевти лекувањето може да  биде и подолго. Тераписка заедница е форма на тераписки третман на група на луѓе кои имаат заеднички проблем и кои се среќаваат со цел меѓусебно да си помогнат во разрешување на проблемите за кои е наменет третманот, во овој случај алкохолизам. Начинот на организирањето и функционирањето на тераписката заедница, овозможува активно сопствено учество во лекувањето што значи дека секој во текот на третманот доаѓа до решение за својот проблем. Ваквиот начин на работа  во група овозможува: заемно признавање, објаснување, јакнење на моралот, самоискажување, пофалби, конфронтација која има за цел соочување со реалноста,  емоционално празнење (катарза), емпатична комуникација. Овој тип  третман овозможува стекнување социјални  вештини, ресоцијализација и реинтеграција во социјалната средина.

Јовановска појаснува дека алкохолизмот кој претставува комплекесен проблем кој длабоко навлегува во сите сфери на човековиот живот. Влијанието се јавува на здравстевен, социјален, семеен, економски план. Со вака нарушено функционирање е намален квалитетот на живот на поединецот, а не ретко и животот му е загрозен. Алкохолизмот носи низа негативни ефектни од лично до општествено ниво.

-Поради тоа постоењето на клубовите за лекувани алкохоличари е од особено значење и за поединецот, но и за неговото пошироко делување. Со учество во клубовите се постигнува стабилна апстиненција, менување на однесувањето и подобрување на квалитетот на живот на поединецот и неговото семејство.  Овие промени се очекува позитивно да се рефлектираат и на општествено ниво кое ќе резултира со намалено семејно наслиство, намалено агресивно однесување надвор од дома, намален број пијани возачи, зголемување на способноста за работа и вработување на лицата зависници од алкохол, зголемување на нивната продуктивност на работно место, вели Јовановска.

Засега во Куманово оформена е една група со оптимелан број на апстиненти. При извршеното истражување на ниво на државата е потврдено дека одржувањето апстиненција е со над 80 проценти успешност кај оние лица кои редовно ги посетуваат клубовите, додека кај лицата кои не се редовни учесници во клубовите или кои воопшто не ги посетуваат  успешноста е од 25 до 30 проценти.

 -За крај сакам да додадам една фраза „Тешко е, но не и невозможно” со тоа сакам да ги мотивирам лицата зависни од алкохол и нивните семејства да не се откажуваат од процесот на лекување и да истраат, порача Јовановска.

Успешни примери на апстинети

Доктор Павлина Васкова од Психијатриската болница од Скопје појаснува дека бројот на алкохоличари во државата е на европско ниво каде од пет до петнаесет проценти од машката популација се алкохоличари. Таа сподели два успешни примера на апстиненти кои преку редовна посета на клубовите успешно се реинтегрирале во општеството.

-Педесет и четиригодишен маж, сопруг, татко на две ќерки, живее во еден од градовите од државата, вработен како инспектор за крвни деликти. Тој пред десетина години консумирал алкохол во умерени колични. Во тој период почнале промени  на работното место кое него лично не го засегнале, но тој ги чувствувал како притисок, имал чувство на несигурност, страв, несоница. Започнал секојдневно да пие алкохол ,,за да се релаксира,, . Во почетокот  пиел  во помали количини, но повремено дома доаѓал напиен. На работа се уште бил редовен и проблемот со пиењето никој не го забележувал, особено што и на работа се уште бил релативно активен, а одел и на терен. Пред три години, зачестил, дома и на работа станал неефикасен, почнал со чести боледувања. Во неколку наврати бил и детоксициран, ветувал дека ќе престане, но тоа траело само  по два три дена, еднаш со силни потешкотии апстинирал и еден месец. Пред три години се јавил во клубот во еден од градовите, заедно со семејството. Веднаш добил медикаментозна терапија  и бил вклучен во групната  работа. Многу бргу состојбата на психички план му се подобрува, пациентот релативно лесно воспостави апстиненција, досега нема ниту еден рецидив. За цело време се уште е вклучен во психо-социјалниот програм. Редовен е на работа, без боледувања, семејно уредно функционира, раскажува Васкова.

Вториот случај е исто така маж на 51 година, сопруг и татко на син и ќерка, адвокат. Пред тринаесет години консумирал умерено, пред година и половина зачести, секојдневно почнал да пие, домана работата каде биле редовен, но неефикасен.Чувствувал силен притисок и несигурност, страв дека тој, познат и ценет адвокат ќе го изгуби спорот, му се јавиле несоница, срцебиење. Во неколку наврати бил детоксициран на  Клиниката за токсикологија, по што ветувал дека ќе престане со пиењето, што траело само неколку дена. Потоа се пријавил во клубот, по што значително му се подобрува состојбата. Редовен е и ефикасен на работното место, повеќе не држи алкохол ниту дома ниту во канцеларијата, семејно уредно функционира.

Клубовите имаат позитивно влијание за апстинентите и нивните семејства

Клубовите преку социо-психотераписката работа со едуциран кадар имаат силно влијание кај лекуваните зависници од алкохол, со што се постигнува одржување на тераписки стекнатата апстиненција. Зависниците се мотивираат за полесна, непречена реинтеграција и ресоцијализација во социјалната средина, ги враќаат на пазарот на трудот, полесно се отстранува стигматизацијата. И самите тие, откако ќе го поминат времето можат да превенираат вакви проблеми појаснува Васкова. Лекарите особено внимание посветуваат на работа со членови на  семејствата на апстинентите, кои вели Васкова, често се и жртви на семејно насилство, доживуваат здравствено, психичко, економско, социјално пропаѓање. Затоа, додава неопходно е и нивно вклучување во третманот. Се смета дека членовите на семејствата на зависниците имаат голем удел во одржувањето на пиењето на алкохол кај зависниците,  но покасно за време на третманот и во адекватното лекување, одржување на апстиненцијата од алкохол, а уште поважно и во менувањето на стилот на живеење на тие семејства, т.е. на учење на воспоставување здрав живот, без алкохол. Со посета на клубовите, додава докторката лицата зависници, извршители на семејно насилство и жртвите стануваат свесни за проблемот и се информирани за можностите за лекување и менување на стилот на живеење.

При третманот, најважно е зависникот од алкохол да воспостави апстиненција, односно да престане да пие алкохол, меѓутоа се смета дека е излекуван и тој и членовите на неговото семејство- жртви на семејното насилство кога со помош на терапевтите, им се враќа самодовербата, им се губи чувството на вина, се вклучуваат во социјалната средина и се учат како да бараат поддршка од блиските и општеството, така, што дисфункционалните семејства стануваат функционални и корисни за општеството-вели Васкова.

 Таа  појаснува дека има три фази, првата која трае три недели е прочистување на организмот, втората од три до шест месеци е наречена фаза на лекување кога се работи со семјството и зависникот да ја преброди кризата и третата која трае до три години е фаза на одржување на апстиненцијата со еднонеделни контроли во Клубови на лекувани алкохоличари.

Во државата како и на светско ниво клубовите им помагаат на апстиненти по една година да одржуваат апстиненција дури во 86 проценти. Според, Васкова, ваквиот пристап, според анализите е најевтин и најефикасен тераписки пристап, со сигурни и конечни резултати.

-Работата на здружението претставува сериозна здравствена заштита на материјални средства во заедницата, а од особено значење е превенирањето на општествено негативните појави, како и заштита, помош и поддршка на децата, вели Васкова.

Петдецениска историја на клубовите

Првиот т.н.  „огледен клуб”  во државата почнал со работа во Скопје вонболничко, пред 50-тина  години, кога се сфатило дека лекувањето на зависниците не може да биде успешно ако тие примаат само лекови, туку ако со нив се работи и социо-психотерапија и клучно ако се вклучат и членови на семејствата. Овој начин на работа прв го применил проф. д-р Јордан Јовев, на основа на работата на проф. Владимир Худолин од Хрватска. Досега, според податоците на докторката поминале над 10.000 лица. Здружението на лекувани алкохоличари во државата постои веќе пет децении и дава континуирана поддршка на лицата кои имаат проблеми со употреба и злоупотреба на алкохол, на жртвите од семејно насилство, на извршителите преку отворена СОС линија, советувалиште, патронажна служба, преку групите за помош и самопомош. Со ваквиот начин на работа, клубовите придонесуваат за апстиненција кај зависниците, а на терен ги информираат младите за проблемите кои може да ги предизивика алкохолот. Во минатото, во 70-тите и 80-тите години клубовите функционирале на ниво на секој поголем град, но со распаѓањето на Југославија, многу од нив згаснале. Во Скопје во моментов функционираат четири клуба, има и во Прилеп, Битола, Неготино и во Куманово. Надлежните најавија дека ќе се отвори уште еден клуб во Штип.

Треба да знаете
Последни објави