Search

Кирацoвски: Поништувањето на лустрацијата ја кочи и ДУИ

Претседателот на Комисијата за политички систем, Александар Кирацовски по неодржувањето на закажаната седница за поништување на лустрацијата изјави дека освен ВМРО-ДПМНЕ, опструкција прават ДУИ и Демократската партија на Турците.

-Со жалење морам да констатирам дека покрај пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, на блокадата се приклучија и ДУИ и ДПТ, за кои се надевам дека имаат силни аргументи кои ќе ги споделат со нас и јавноста, затоа што ваквото несериозно однесување од овие три партии не е дозволено во законодавниот дом, рече Кирацовски.

Седницата, на која поради немање кворум, не можеше да се утврди ниту дневен ред, ќе биде закажана дополнително.

Кирацовски смета дека за законот за поништување на лустрацијата има потреба од „повисока политичка координација” со сите политички партии, без да појасни што значи тоа.

– Исправувањето на историската неправда направена кон истакнати општественици е наша заедничка должност и обврска која што мора да ја реализираме затоа што правдата и праведноста се основните начела и на демократијата и на основното човеково живеење. Процесот на направената неправедна лустрација мора да продолжи, рече Кирацовски.

Претходно, во друга изјава Кирацовски исто така истакна дека „сторената неправда за време на комунистичкиот режим, може да биде на некој начин обесправена, односно да биде завршена низ еден сериозен соодветен правен процес, кој што е далеку поразличен од направената лустрација”

Треба да знаете
Последни објави