Search

Кипар ги „враќа“ мигрантите преку СМС-пораки

Кипар ќе започне повеќејазична СМС-кампања за да ги одврати мигрантите да доаѓаат на островот заради погрешно убедување дека ќе дојдат на континентот преку оваа членка на Европската Унија, рече министерот за надворешни работи, Никос Нурис.

Нурис за „Асошиејтед прес“ изјави дека кампањата има за цел да ги разбие погрешните убедувања на мигрантите пропагирани од трговците со луѓе дека нивниот статус на баратели на азил во Кипар ќе биде „билет“ за другите европски земји.

Министерот рече дека мигрантите кои доаѓаат на Кипар се „заробени“ на островот затоа што оваа земја не е дел од шенгенот.

Со околу 880.000 жители, Кипар има најголем процент на мигранти во рамките на ЕУ меѓу земјите кои беа први погодени од бегалскиот бран.

Во оваа земја тој процент е 3,8 отсто, додека во другите земји кои се прва „станица“ за мигранти во ЕУ, како што се Грција, Италија, Шпанија и Малта, има помалку од еден отсто баратели на азил, рече Нурис.

Се проценува дека околу 25-30 отстоти од мигрантите на Кипар доаѓаат од области зафатени со војна.

Според официјалните податоци, повеќето баратели на азил во оваа земја лани биле од Сирија, Грузија, Индија, Бангладеш, Пакистан, Камерун, Виетнам, Египет, Нигерија и Шри Ланка.

Повеќето мигранти доаѓаат на северот од Кипар и потоа преку тампон-зоната, која е под контрола на Обединетите нации, преминуваат на меѓународно признатиот југ со цел да побараат азил.

Треба да знаете
Последни објави