Search

Кинеските телефони ја освојуваат Европа, опаѓа увозот на „Епл“ и „Самсунг“

На глобалниот пазар на паметни телефони минатата година е забележан тренд кој го навестуваа многу актери на пазарот – кинеските мобилни телефони го преземаат приматот во Европа.

Последните податоци од агенцијата за истражување на пазарот – Каналис (Canalys), покажуваат дека 32 отсто, или околу една третина од продажбата на паметни телефони во Европа во 2018 година се однесува на кинески производители – „Хуавеј“, „Шаоми“ и „УанПлас“ (OnePlus), пренесува порталот Verge.

При тоа, лавовски удел во вкупните испораки, од над 23 проценти, има „Хуавеј“ со 42,5 милиони испорачани уреди за европските трговци. Само во последниот квартал од минатата година, овој кинески технолошки гигант во Европа доставил 13,3 милиони паметни телефони, со тоа зголемувајќи ја вкупната бројка на испораки на Стариот континент за 55,7 отсто во споредба со 2017 година.

Од друга страна, најголем пад на извозот на паметни телефони во Европа во 2018 година забележа лидерот на пазарот, „Самсунг“, чии испораки се за 10 отсто помали во однос на претходната година и изнесуваат 61,6 милиони единици.

Ниту „Епл“ не мина брилијантно иако се задржа на второ место со 42,8 милиони испорачани „ајфони“ во Европа во текот на минатата година. Тоа е, сепак, 6 проценти помалку од претходната година.

Аналитичарите предвидуваат дека „Хуавеј“ во Европа до крајот на годинава ќе го собори „Епл“ од второто место, како што наскоро се очекува да го направи тоа и во остатокот од светот. Во опасност од ваквиот налет е и досега недопирливиот „Самсунг“, наведува „Верџ“.

Неочекуван продор на европскиот пазар за паметни телефони направи и кинескиот „Шаоми“, кој го зазема четвртото место.

Треба да знаете
Последни објави