Search

Кинескиот претседател изненади гости во ресторан во Пекинг

Кинескиот претседател, Шји Џјинпинг ги изненади денеска гостите во еден мал ресторан во Пекинг и разговараше со доставувачите за време на очигледно ненајавената посета во пресрет на Кинеската Нова година, која се празнува следната недела.

Државната телевизија прикажала видео од Шји како влегува во ресторан во јужниот дел на Пекинг, познат по своите традиционални улици и дворови, прашувајќи колку чини храната и колку долго сопствениците живеат во градот, пренесе агенцијата „Ројтерс“.

Луѓето во ресторанот се обиделе да се сликаат со претседателот, но тој им рекол да не си го прекинуваат ручекот поради него.

„Јас сум само на поминување“, додал тој.

Додека разговарал со доставувачите, кои од ресторанот со мотори носат нарачки на храна низ Пекинг, можело да се забележат луѓе што одат зад него.

„Зарем не можете да одите дома за време на пролетниот фестивал?“, прашал тој еден од доставувачите.

Во пресрет на Кинеската Нова година, која се одбележува во првата недела од февруари, повеќе од 400 милиони луѓе се очекува да тргнат на пат поради семејни собири или туристички посети, покажуваат податоците на кинеската агенција за туризам „Ситрип“.

Треба да знаете
Последни објави