Search

Кина поради новиот вирус ја прошири изолацијата на 33 милиони луѓе

Кина ги прошири вонредните мерки за изолација на околу 33 милиони луѓе, во обид да го спречи ширењето на новиот смртоносен вирус, поради којшто досега починаа 26 лица и заразени се стотици.

Бариери за влез и излез досега се воведени во најмалку десет градови во централниот дел на земјата – во Вухан, каде што се појави вирусот, но и во девет соседни градови, вклучувајќи ги Хуанганг, Чиби, Ксинџијанг, Ксинтао. Сите тие припаѓаат на провинцијата Хубеи, центарот на заразата.

Кинеските власти почнаа со изградба на болница за лекување на пациенти заразени со новиот вирус во Вухан, со 1000 кревети во неа. Завршувањето на изградбата се очекува да биде завршена до понеделник.

Блокадите и изолацијата на градовите почнаа вчера во Вухан, каде што улиците, трговските центри и рестораните кои обично беа преполни беа морничаво тивки. Носењето маски на јавни места е задолжително.

Блокадата на другите седум градови беше воведена денеска, а се преземаат мерки на претпазливост низ целата земја.

Главниот град Пекинг ги откажа сите настани што би привлекле повеќе луѓе.

Бројот на нови пациенти со коронавирус се зголеми на 830, соопшти денеска државната комисија.

Повеќето од пациентите или живееле во Вухан или имале некаква врска со градот.

Пријавени се епидемии и надвор од Кина – во Хонг Конг, Макао, Тајван, Тајланд, Сингапур, Виетнам, САД, Јапонија и Јужна Кореја, но повеќето од овие луѓе се од Вухан или неодамна биле во тој град.

Денес се потврдени првите смртни случаи надвор од Вухан. Еден 80-годишен маж починал во северната провинција Хебеј, откако се вратил од Вухан, додека провинцијата Хелонгџианг на североистокот на земјата соопшти дека едно лице починало, без да прецизираат детали.

Оваа недела ширењето на вирусот се случи во време кога милиони Кинези патуваат поради новогодишната ноќ на Кина, која започнува во сабота.

Треба да знаете
Последни објави