Search

Кина не е загрижена за реакциите по изрекувањето на смртна казна на Канаѓанец

Кинеските власти соопштија дека воопшто не се загрижени поради растечките критики од меѓународна заедница во врска со смртната казна изречена на канадски државјанин поради шверц на дрога.

Канадскиот премиер Џастин Трудо, поради казната изречена за Роберт Шеленберг за шверц на 222 килограми метамфетамин, Кина ја обвини за произволно наметнување на смртна казна.

Шеленберг беше уапсен во Кина во 2014 или 2015 година – медиумите објавуваат различни датуми. Тој е обвинет за вмешаност во меѓународно организиран синџир за дрога, што тој пак цврсто го негира.

Кинеските власти првично го осудија Шеленберг на 15 години затвор, но на крајот од декември лани, Апелацискиот суд нареди повторување на судењето, тврдејќи дека првичната казна е премногу блага. Шеленберг сега има 10 дена да ја обжали смртната казна на која беше осуден во понеделникот.

Обединетите нации велат дека се противат на смртната казна, освен во случај на исклучителни околности.

Портпаролката на кинеското министерство за надворешни работи Хуа Чунјинг на прес-конференција во Пекинг изјави дека таканаречените сојузници на Канада може да се избројат на прсти и дека не ги претставуваат ставовите на пошироката меѓународна заедница.

Многу јасно можам да кажам дека ние не сме ни барем малку загрижени, рече Хуа коментирајќи ги острите реакции и додаде дека мнозинството Кинези ги поддржуваат казните за криминал поврзан со дрога.

Казната за Шеленберг дополнително ги затегна односите меѓу Кина и Канада кои веќе се напнати поради апсењето на Менг Ванжу – финансиската директорка на кинеската телекомуникациска компанија „Хуавеј“, како резултат на барањето на САД за екстрадиција, во рамки на истрагата за кршење на американските трговски санкции.

Неколку дена по апсењето на Менг во Ванкувер, Кина уапси двајца Канаѓани поради сомневање за загрозување на националната безбедност.

Треба да знаете
Последни објави