Search

Кина и 17 држави од ЦИЕ во Белград усвоија Декларација за развој базиран на иновации

Во Белград денеска се одржа Четвртата конференција на Кина и 17 држави од Централна и Источна Европа за соработка на полето на иновациите, на која Северна Македонија ја преставуваше заменик министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски.

Како што јави дописникот на МИА, на министерската конференција, кинескиот министер за наука и технологија Ванг Џиганг и ресорните министри од останатите земји од Централна и Источна Европа, меѓу кои и Северна Македонија, ја усвоија Белградската декларација со која се утврдува воспоставување заедничка визија за развој базиран на иновации на земјите во рамките на механизмот Кина и државите од Централна и Источна Европа.

– Со усвојувањето на ова декларација ќе се постигне зголемена соработка на полето на иновациите. Сакаме да постигнеме размена на искуства и на идеи, за да можат нашите талентирани луѓе кои работат на иновациите, со размена со колегите од овие земји, да научат нешто повеќе и да можат нивните идеи и иновативни производи, да доживеат реалност, да се развијат понатаму и сето ова да ни служи на сите нас во делот на целокупниот развој на нашата земја, изјави заменик министерот Бајдевски.

Тој оцени дека иновациите се значајни за развојот на целокупниот сегмент на нашето општество, во земјоделството, здравството, животната средина, а особено во економијата, бидејќи „ја зголемуваат продуктивноста, ефикасноста и важни се за креирањето на нови работни места и се особено значајни за подобрување на животот на граѓаните во нашата земја”.

Паралелно со министерската конференција, која ја отвори српската премиерка Ана Брнабиќ, се одржа и стопанска конференција на која учествуваа повеќе од 300 компании, универзитети, институции и инвестициски фондови од Кина и земјите од Централна и Источна Европа, на кои беа претставени најновите достигнувања во областа на иновациите, дигитализацијата, вештачката интелигенција, роботиката, паметните градови, земјоделството, финансиите и други области.

Учесниците на конференцијата можеа првпат да ги видат капацитети на 5Г технологијата и да го тестираат симулаторот на движење на брзиот воз во различни временски услови.

Треба да знаете
Последни објави