Search

Кина и ЕУ потпишаа Договор за европски географски индикатори

На неколку часа пред почетокот на Самитот ЕУ – Кина, Европската Комисија соопшти дека двете страни потпишале Договор за заштита на 100 европски географски потекла, јави дописничката на МИА од Брисел.

Договорот е постигнат пред речиси една година и е потпишан денеска, со него се воведуваат реципрочни трговски поволни мерки, истакнува Комисијата, и им се гарантира на потрошувачите квалитет на производите.

– Горд сум што овој Договор е чекор поблиску до стапување во сила, што е одраз на нашата посветеност за блиска соработка со нашите глобални трговски партнери како Кина. Производите со европски географски индикатор се познати по својот квалитет и разновидност, важно е да ги заштитиме на ЕУ и на глобално ниво за да ја обезбедиме нивната автентичност и да ја сочуваме нивната репутација, изјави еврокомесарот за земјоделство, Јануш Војчеховски.

Попладнево лидерите на ЕУ земјите и на Кина ќе одржат виртуелен Самит преку видеоконференција, на кој ќе се разговара за столбовите на партнерството помеѓу двата блока, меѓу другото, трговија, интелектуална сопственост, трансфер на технологии.

Според податоците на ЕУ, кинескиот пазар е трета дестинација за европските прехранбени производи, и втора за производи со заштитено географско потекло, како што е виното.

Со денеска потпишаниот Договор се заштитуваат стотина производи, меѓу кои грчката фета, узото, шампањот, полската водка, ирското виски, и така натаму. Заштитени се и повеќе кинески продукти како чаеви и ориз.

Договорот треба да биде одобрен од страна на Европскиот Парламент и Советот, и треба да стапи во сила на почетокот на идната година. 

Треба да знаете
Последни објави